После повеќе од 200 години од смртта на великиот македонски книжевник Јоаким Крчовски, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, донесе одлука за прибројување на Крчовски во диптихот на светиите. На 22 овој месец во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ ќе биде извршена свечена канонизација на Јoаким Крчовски.
Во досегашните излагања, ликот и делото на Крчовски беа сместен само во книжевната сфера, но неговата дејност е недоволно проучена. Деновиве од печат излезе новата книга, творба на сестринството од слепченскиот манастир „Свети Јован Претеча“ со наслов „Свети праведен Крчовски“, во која се изложени нови, особено значајни сознанија и расветлувања на ликот на Крчовски.
Во ова дело, покрај расветлувањето на годината на неговото раѓање и родно место, објавени се поинакви погледи за неговото творештво. Од творечкото перо на сестринството од Слепченскиот манастир по голема Божја милост, како што тие умеат да кажат, се создаде и акатист и прототипна икона на Јоаким Крчовски за негова достојна прослава.
– Презентирани се сериозни научни аргументи во полза на тезата дека овој наш преродбеник потекнува од село Крчово, во егејскиот Демир Хисар, спротивно на досегашното толкување дека неговото презиме потекнува од турското име на градот Кичево. Особено битно е што едем дел од поучните слова на Крчовски се преведени на современ македонски јазик, со што нивната поушна содржина се доближува до денешните верни чеда на Македонската православна црква, На тој начин Сестринството на Слепченскиот манастир го продолжува делото на праведниот отец Јоаким Крчовски, кој своите проповеди, исто така, ги пишувал и говорел во светите македонски храмови на разбирлив за верникот дијалектен говор
– вели академик Ѓорѓи Поп Атанасов.
Објава од Нова Македонија