Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, на семакедонската иселеничка средба во потпелистерското село Трново, ги повика присутните на големиот државен празник Илинден, кој претставува симбол на непокорот на македонскиот народ заедно да упатат молитва за Македонија.
„Притоа да не заборавиме дека зборот Македонија подразбира – прво: просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик, идентитет и народ; и – второ: македонскиот национален супстрат го сочинуваат Македонците кои живеат во државата Македонија во соседството вклучувајќи ги тука Грција и Бугарија (и тоа да не го заборавиме никогаш!) и низ целиот свет.”
Академик Коцарев рече дека овие две карактеристики на зборот Македонија се неделиви една од друга.
„И – просторниот и временскиот континуитет; и – националниот супстрат, се неделиви . Всушност, тие претставуваат две димензии на една иста реалност и затоа не можат да се гледаат одвоено и засебно, односно изземањето на било која од нив подразбира разнебитување на Македонија. И затоа е клучно тоа да се има предвид и како такви, да се присутни секаде во сите преговарачки рамки, договори, спогодби и протоколи“.
Коцарев објасни дека радоста, гордоста и спокојот кои ги чувствува по повод празникот, не произлегуваат од моменталната ситуација во која се наоѓа земјата.
„Главно креирана од политичките околности, за кои до сега многу пати сум пишувал и истакнувал дека се полоши од било кога, а најголем дел од денешниот политичари се слуги на дневно партиски и геостратегиски интереси.
Радоста, гордоста и спокојот ми произлегуваат од мојата увереност дури и сигурност дека македонската држава, идентитет, јазик, култура, наука и уметност ќе опстојат на овие простори во вековите што доаѓаат и затоа што тие се длабоко врежани по волјата и колку и тоа некому и да пречи, и во срцата во секој од нас“.
Претседателот на МАНУ потенцираше дека – само аргументираните и јасни научни факти недвојбено водат до непобитната вистина.
„А вистината е непроменлива – злобата може да ја напаѓа, незнаењето може да ја исмејува, но на крај таа сепак е тука.
Да живее Македонија!
Нека ни е честит и вечен Илинден!“