Фразата:
– Доста, оти ќе го ослободам Кракен !
во последните 40 години стана глобално употребувана реченица како метафора за голема закана, со нешто тајно, скриено и големо кое се употребува исклучиво во случај на крајна нужда.
Ова се должи на влијанието на култниот филм „Борба на титаните” од 1981 година, во кој античкиот јунак Персеј се бори со чудовиштата од древната митологија.
Иако од денешна дистанца изгледа наивно, во 1981 година, филмот беше синоним за врвни достигнувања во сценските ефекти во филмската индустрија.
Истоимениот “римејк” од 2010 година и покрај тоа што примени пософистицирани, компјутерски сценски ефекти ни приближно не ја достигна популарноста на оригиналот.
Но кој е Кракен?
Според античката митологија, Кракен е морско чудовиште син на Океан и неговата ќерка (и сестра) Кето, родена од него и од неговата мајка Геја.
Доволно комплицирано за да се роди монструм како Кракен, огромно морско чудовиште со многу пипци, како октопод, со глава со заби која испушта страшни крикови.
Но верзијата на Кракен од филмот е поблиску до Скандинавските легенди од пред 1000 години, според кои морнарите на нордискиот брег често се среќавале со острови, кои всушност не биле вистинско копно, туку телото на огромното чудовиште со многу раце и змејска опашка, кое можело со еден удар да збрише цели градови.
Деновие Кракен е повторно актуелен, како име на новиот вирус на грип, за кој лекарите велат дека не е толку опасен, но сепак му дале страшно име. Веројатно поради многуте раце (краци) карактеристички за обликот, но и мутирањето на вирусите.