Дали во режимот на спиење е клучот на богатството или богатите почнале да спијат според свои правила дури откако се збогатиле?
Сепак, заедничко за сите богати и успешни денес е што имаат посебен режим на спиење и дневен распоред до кој дисциплинирано, дури и опсесивно се продржуваат.
Опра Винфри вели дека мора да спие точно 8 часа, и тоа од 10 навечер до 6 сабајле. За будење не користи аларм, затоа што нема доверба во технологијата, туку стекнала навика да се буди сама од себе во исто време. По станувањето, не посегнува веднаш по телефонот,туку прво мие заби, па вежба, па се тушира и дури тогаш денот може да почне
И сопственикот на Амазон, Џеф Безос спие точно осум часа – легнува рано за да може рано да стане. За него е и многу важно кога ги одржува важните состаноци и ги носи важните одлуки. Идеалното време му е 10 часот, но ако не може точно, тогаш сигурно да е предпладне. Тој смета дека по ручекот не може толку бистро да функционира, а кон крајот на работното време во 17 часот, речиси никако. Ако попладне излезе состанок или некаква дилема за решавање едноставно ги презакажува за утредента во 10.
Џек Ма од Алибаба исто така многу го цени добриот сон. Вели дека на ниту еден начин не дозволува ниедна грижа или дневен проблем да му влијаат на мирниот ноќен одмор. Едноставно се исклучува од проблемите и спие. Спиеле-неспиеле проблемите секако ќе ги има, нема потреба да дозволиме да ни влијаат на сонот.
Елон Маск вели дека му се доволни 6 часа сон. Пробал да спие и помалку, но забележал дека ефикасноста му е намалена и од така заштеденото време има контра-ефект.
Маск признава дека работниот ден му трае и до 1 или 2 по полноќ, а викендите ги користи да си поспие.
Аријана Хафингтон, е убедена дека успехот зависи од соодветното спиење. Општеството наметнува лажна претстава дека човек треба да согори и да се исцрпи на патот кон успехот. Таа искусила и повреди од исцрпеност, кога заспала отпростум на биро, главата и паднала, го повредила лицето и завршила со пет конци над десното око. Тоа ја натерало да се замисли, да го смени начинот на работа и дури да напише и книга „Револуција на спиењето“. Таа до креветот не чува никакви електронски апарати телефони, таблети, лаптопи, аларми … туку прво сѐ исклучува и оди в кревет со обична класична книга.
Тоби Лутке од Шопифај исто така се држи за правилото за 8 часовен сон. Тој вели дека се трудел никогаш да не работи повеќе од 40 часа неделно, освен во исклучителни случаи кога некоја работа му била многу интересна и забавна, па не сакал да ја остави за утре. Негово правило е најдоцна до 17.30 да е дома и никако да не работи за викенд. Слободното време, кое го има во изобилство затоа што си го дал сам на себе, го минува со семејството или играјќи видео игри со пријателите.
Ворен Бафет легнува секој ден точно во 22.45 и спие точно 8 часа. Тоа е правило кое најдисциплинирано го почитува. Вели дека сонот е најважен за луѓето кои во работата трошат многу ментална енергија.
Бил Гејтс вели дека на времето кога го создавале Мајкрософт, сметал дека спиењето е за мрзливи и минувал ноќи без спиење со вештачки и нездраво стимулиран кофеин и адреналин. Но денес, тој е убеден дека луѓето кои редовно спијат помалку од 5 часа, речиси сигурно ќе се разболат од нешто. Како рецепт за полесен сон Гејтс препорачува да се отстранат лед сијалиците од спалната, да не се конзумира алкохол и температурата во собата да е константно на 18°С. За разлика од неговите колеги, Гејтс ја препорачува и дневната дремка, за која смета дека не му пречи, туку му помага на полесното заспивање ноќе.