Жителите на северот од Индонезискиот остров Суматра веруваат дека супата од куче освен за корона, е корисна во превенција и лекување на тифус, маларија, денга-вирус и други помали заболувања.
Индонезија е најголемата муслиманска земја на светот, со 270 милиони жители, но Муслиманите таму не конзумираат кучешко месо, сметајќи го за „харам“ исто како свинското. Но над 7%од немуслиманското население, претежно од островот Суматра, или речиси 20 милиони луѓе ја практикуваат традицијата на јадење кучиња.
Во земјата тоа не е илегално, и постојат стотици ресторани или киосци за скара кои нудат кучешки специјалитети. Последниот случај на законско гонење поврзано со угостителскиот бизнис со кучиња, било апсењето на еден дистрибутер на кучешко месо, по пријава од граѓани дека, освен што одгледува свои кучиња за месо, преку средство за зашеметување собира кучиња и по улиците, меѓу кои не само улични туку и кучиња кои имаат сопственик.
Властите се плашат да изречат забрана, затоа што кога последен пат еден градоначалник издал соопштение само со препорака да не се јадат кучиња, почнале големи протести од луѓето кои конзумирањето кучешко месо го имаат како семејна традиција. А 20 милиони, не се мала бројка.
Неколку онлајн апликации за порачување храна од етички причини одбиваат да рекламираат кучешки ресторани, но продажбата непречено се одвива преку рекламирање во општите онлајн продавници за секаква продажба, каде секој слободно може да прикачи каков сака артикл.
Поборниците за слободно конзумирање кучешко месо, како што пренесува Ал Џазира, аргументираат дека на луѓето им е дозволено, под параванот на самоодбрана, без проблем да убиваат лавови, тигри и слонови, кои се ретки и тешко се одгледуваат, а прават проблем за кучињата кои ги имало многу и кои често се размножуваат со легла од над 10 принови.
Се чини дека прашањето во кое се судираат глобалната цивилизациска етика и локалната традиција, барем во Индонезија нема за брзо време да биде решено.