Битола многупати низ историјата била „на работ” и секогаш кога се чинело дека таа типично битолска убава приказна е завршена и дека нема каде, градот одново се враќал посилен, посамоуверен и уште поуникатен од порано.
Иако менталитетот, духот на еден град е колективен белег, во време на таквите културолошки, кои за Битола се и егзистенцијални кризи (бидејќи без култура ја нема ни Битола) тој дух се сочувувал и обновувал благодарение на поединци, силни индивидуалци кои како чувари на огнот успевале да сочуваат барем пламенче среде силните ветришта од невкус и антивредности.
Таква личност е модната дизајнерка Лили Кадинска, една од ретките битолчанки која денес инаeтливо и со голема доза на самодоверба, произлезена од нејзината свесност за себе, за своите вредности и принципи, со бескомпромисен интегритет успешно се спротиставува на искушенијата и предизвиците во градот кој денес сѐ почесто си го поставува прашањето, дали е сѐ уште град.
Не мора да си на функција за да предизвикаш позитивни промени во општеството, не мора ни да си јавна личност за да имаш позитивно влијание, не мора да си „културен” за да си културен, ниту да си патетичен, за да си романтичен … ставовите на Лили Кадинска го обликуваат нејзиниот силен интегритет како личност, која без тоа да ѝ е намерата, поместува граници и урива стереотипи, преку оригиналните нови „стереотипи” кои како концепт ги создава.
Во разговорот за рубриката Анфас, многу искрено, отворено и приземно таа ги разбива и стерeотипите за професијата моден дизајнер и вулгаризираната, ограничена претстава за модата кај нас како обично креирање облека, претставувајќи ја како философија, книжевност, филм, интердисциплинарен уметнички концепт кој раскажува приказна.
Кога беше клучниот момент кога сфативте дека дизајнирањето, “модата” е тоа што сакате да го работите и ве исполнува?
– Можеби ќе звучи како клише, но отсекогаш сум имала пасија кон креирањето облека. Во раните години, во претшколска возраст тоа го правев во мислите. Имав замислен свет со ликови кои ги облекував и се трудев толку многу да ги запомнам деталите за да ги направам кога ќе пораснам, што верувајте на некои делови, многу јасно се сеќавам и денес.
Подоцна, почнав мислите да ги преточувам во цртеж. Но, до крајот на средното образование јас не гледав на ова што го работам денес како на моја идна професија. И покрај видливиот талент и креативност, секогаш се замислував себе си во некои други гранки, а креирањето го гледав како хоби. Се до моментот кога требаше да одлучам што ќе студирам, а дури и тогаш се запишав на два факултети, психологија и моден дизајн. Подоцна, веќе претпоставувате се определив за мојата најголема страст и ја насочив целосно мојата енергија кон она што денес ме дефинира мене лично на многу начини, индивидуално како човек и професионално.
Што е за вас модна култура и дали младите според вас се облекуваат “културно” или веќе нема правило за тоа со оглед на тоа што се ни се сервира на мас медиумите?
– Според мене не постои културно и некултурно облекување во општа смисла. Уметноста на облекувањето не може да се стави во рамка и да се дефинира на тој начин. Голем дел од субкултурните движења во минатото се сметале за провокативни и некултурни, а денес тоа се правци во културата кои биле своевремено поттикнати од случувањата во општеството на неколку нивоа, културно, политички, социјално, итн. и претендирале да бидат ветар на промените.
Проблемот со младите денес е што немаат силно изразена животна филозофија и порака која што сакаат да ја испратат. Тие не се понекултурни од приврзаниците на панк движењето на пример, ама позади нивната појава нема приказна и нема цел, суштински е празна. Фали провокативниот момент, а тоа е она што може да не поттикни да размислуваме, да анализираме и да се инспирираме од нечија појава, затоа што тоа е модата-интердисциплинарен феномен, а облекувањето е само еден сегмент од тој феномен.
Модата во 20 век сериозно претендираше да биде почитувана како уметност, во меѓувреме профитот постепено почна да ја претвора во кич. До каде е границата кај еден креатор, што преовладува – желбата да се додворува на клиентите и да заработи или да наметне свои критериуми и по цена да не продаде ниту едно парче?
– Модата, како и останатите гранки во уметноста, фина или применета, филмска, музичка итн. се соочи со предизвиците на новото време, а тоа е пред се брзината на информација и уште побрзото заситување со истата на конзумерите и нивната постојана потреба од нешто ново. Тоа мене лично не ми се допаѓа, затоа што најмногу од се трпи квалитетот на производот. И не е тоа случај само со модата, туку со сите погоре спомнати гранки од уметноста.
Од друга страна модата е применета уметноста. Самиот епитет значи дека треба да има примена во секојдневието на човекот и никако не може да стане збор за таква радикална филозофија каде што дизајнерот ќе наметнува стандарди по цена да не продава, затоа што денес нема ништо бесплатно и живееме од она што го заработуваме.
Модниот дизајнер прво мора да знае кому се обраќа, а потоа треба да има вештини со кои својот дизајн ќе го издвои од останатата понуда и на групата која што ја таргетира ќе и овозможи да носи на себе не само парче облека, туку цела приказна. Уметноста во модниот дизајнот е да се осмисли парче облека кое е допадливо и невербално го прераскажува концептот што стои во позадина. А на тој што го носи му овозможува чувство на посебност и автентичност.
Уникатна идеја или комерцијален изглед? Што е поисплатливо?
– Уникатната идеја е квантитативно ограничена, а комерцијалната не.
Она што се произведува во помали колични чини повеќе и обратно, а тоа може да значи на крај иста заработка, различна количина на потрошено време.
Активна сте и на социјалните медиуми. Како гледате на инфлуенсерството во Македонија и дали воопшто постои тоа кај нас?
На социјалните мрежи сум активна преку моите приватни профили, на кои сум присутна како и поголемиот дел од луѓето со важни моменти за мене лично.
А, како моден бренд, професионално сме присутни преку Инстаграм и фејсбук профилите на Le Brand Studio и Онлајн продавницата на Еtsy.
Инфлуенсер е нов професионален профил и кај нас и во светот и се дефинира по повеќе основи. Ако пребарувате дефиниции за инфлуенсер, првото што ќе ви излезе е тоа дека инфлуенсер може да биде секој што има одреден број на следбеници. Значи генерално не е потребна некоја посебна квалификација или обука. Првата асоцијација за зборот инфлуенсер е поврзана со модата. За жал кај нас критериумите се толку ниски што секој што знае да искомбинира две бои се нарекува инфлуенсер и народот тоа го конзумира иако е стерилно и без никаква суштина.
За мене лично, некој може да биде влијателен (инфлуентен) доколку има некоја конкретна професија или посебна вештина во која постигнал одреден успех, или е посебен по нешто друго, па преку сопственото искуство поттикнува, мотивира и делумно подучува користејќи ги алатките на социјалните мрежи.
Постои ли некоја светска личност со која би сакале да соработувате или пак би сакале да изработите нешто за неа?
– Интересните и инспиративни луѓе се на улиците, тие се дел од нашето секојдневие, ги среќаваме, пиеме кафе со нив… си кажуваме здраво. Само треба да ги препознаеме. Во Le Brand Studio имаме среќа и задоволство да работиме со многу такви жени, кои не се јавни личности, но го менуваат светот околу себе со квалитетите и вештините што ги поседуваат во секој поглед.
Уникатни, по суштина и по изглед.
Дали е тешко да се спои модерното и иновативното?
– Модерното по дефиниција отскокнува од традиционалното и дотогаш (досега) познато, па оттаму и само по себе е иновативно.
Каде барате инспирација кога креаирате?
Инспирацијата ми доаѓа од различни извори. Од луѓето околу мене, од непознати кои ги среќавам на улица. Некогаш тоа се повозрасни дами кои носат некое добро парче облека од времето на нивната младост или на пример некоја млада личност со авангарден стајлинг.
Некогаш едноставно ме инспирира самиот материјалот или строгите и јасни линии во архитектурата, која исто така ми е голема љубов и тоа е видливо во мојот дизајнерски печат.
Сакам филмови, досега три од колекциите на Ле Бранд се инспирирани токму од филмската естетика на Тим Бартон, од Clockwork Orange на Стенли Кјубрик, Чарли Чаплин…
За битолчанки знаеме дека секогаш се трудат да ги следат сите модни трендови и да бидат поинакви и се разликуваат од сите останати во Македонија, но што е со битолчаните? Дали мажите кај нас според вас добро се облекуваат?
– Во последните години мажите обрнуваат многу внимание на сопствениот изглед, вклучително и како се облекуваат. Во одредени случаи дури и повеќе посветуваат време и енергија на стилот од жените.
Ние во Le Brand имаме многу клиенти, мажи со истанчен вкус, кои сакаат да отскокнуваат од средината.
Се обраќаат за дизајнирање на парчиња облека со авангарден печат и високи стандарди за квалитет на материјал и изработка.
Кога би биле министерка за култура кои три први работи би ги промениле?
– Сметам дека на еден човек не му е потребна функција за да ги менува работите околу себе. Општеството го правиме токму ние, обичните граѓани и сметам дека во нас е моќта да го менуваме.
Јас, лично и со Le Brand, во областа во која што работам и ја чувствувам како свој терен, секојдневно работам на поставување на повисоки стандарди, од дизајнерски и професионален аспект истовремено.
На што сте најмногу горда гледајќи низ временската призма од почетокот на вашата работа, па до денес?
– Горда сум на патот изоден од почетната точка до денес и на сите поминати предизвици кои се испречиле, но не успеале да попречат. Горда сум на мојот тим во Le Brand Studio, на прекрасните луѓе кои ни се враќаат по уште едно парче облека и со кои имаме чест секојдневно да разменуваме убава енергија. Горда сум дека Le Brand прерасна во бренд според сите параметри и е еден од белезите на модерна Битола, кој што се носи не само во нашата држава, туку и надвор од Македонија.
Ваша животна филозофија?
– Верувам дека животот на секој му сервира падови. На некој повеќе, на некој помалку. Не е важно колку пати ќе паднеш, важно е колку брзо ќе станеш.
Дали кепенците во градот (метафорички) генерално се отвораат во однос на минатото или можеби полека се затвораат следејќи ја таа т.н. турбо фолк мода?
– Мислам дека славното минато на Битола е нешто на кое што треба да бидеме горди и да му се навраќаме толку, колку да се инспирираме од истото, но без патетика и романтизирање дека тој сјај на градот сам од себе ќе се врати.
Народот, посебно младите го конзумираат она што им се сервира и се однесуваат во склоп на тие норми. Турбо фолк културата тргнува од нашата најпозната улица, од музиката која се слуша во локалите до структурата на дејности кои работат на истата. Ние може да се инспирираме од славното минато на нашиот град и да го примениме денес, во овие услови за да ја однесиме културата на повисоко ниво, но недостасува визија и желба.
Во контекст на темата ќе спомнам дека неодамна во Le Brand Studio, имавме матине кое беше вистински времеплов кон крајот на 19-ти бек и почетокот на 20-ти век. Дегустиравме колачи по рецепти кои се правеле во старата и прва регистрирана фабрика за колачи на старата битолска фамилија Герас, а етнологот Наде Геневска Брачиќ од музејот на град Битола преку примери ни ја долови битолската мода од тој период. Настанот се одржа во склоп на традиционално, целомесечно дружење со нашите клиенти и пријатели Silly December во Le Brand Studio.
Како би ги посоветувале младите надежни дизајнери?
– Им го советувам она што го кажал еден од моите омилени светски дизајнери Johji Yamamoto:
“Ако сакаш да видиш вистински работи, вистинска убавина ќе мора да стигнеш таму преку многу труд и работа.”