Се очекува утре во Шкотска, каде британската кралица Елизабета Втора има вообичаени активности, Борис Џонсон официјално според протокол да ѝ го врати мандатот, а веднаш потоа за нов мандатар да биде назначена неговата сопартијка Лиз Трас.

Поранешната 47 годишна министерка за надворешни работи Лиз Трас е четвртиот конзервативен премиер во турбулентните години на криза од 2015 наваму, која пред себе има тешка задача да се справи со растечката инфлација, енергетската криза и редица големи предизвици во економијата.

Аналитичарите, тежината и одговорноста на нејзината позиција ја споредуваат со онаа на Маргарет Тачер во 1979 година, со забелешка дека на Трас ќе ѝ биде многу потешко затоа што не ужива толкава популарност ниту во јавноста ниту во својата партија, што се виде од турбуленциите при нејзиниот избор за нов мандатар.

Британија во моментов се соочува со инфлација од над 10%, која неофицијално се смета дека е многу поголема, додека енергетските трошоци на граѓаните пораснаа за над 80%.

Се очекува во октомври годинава, просечно домаќинство во Велика Британија да плаќа околу 3500 фунти годишно, додека прогнозите за 2023 се за неверојатни 6000 фунти, што сериозно ќе го наруши стандардот.