Компанијата за меѓународен трансфер на пари, МаниГрам Интернешнал, доби тужба пред судот во Менхетен поднесена од државното Биро за финансиска заштита на потрошувачите и јавниот обвинител на Њујорк, Летиција Џејмс.
До тужбата од државата на толку високо ниво, доаѓа по серијата поплаки од потрошувачите, најчесто поради доцнењето на испратените пари и лажни известувања кон испраќачите дека парите кои се заглавени во системот, се веќе на пат. МаниГрам ги отфрла обвинувањата како неосновани, паушални и инцидентни, тврдејќи дека не треба да се генерализираат поединечните ретки случаи и да се сметаат за редовна практика во компанијата.
Сепак МаниГрам изминатите години неколку пати го обновуваше софтверот, што според обвинението е јасен показател дека нешто сепак сериозно не функционирало во системот на трансфер во кој многу често имало заглавени пари, за кои и самата компанија не била свесна дека се заглавени, затоа што компјутерската програма известувала дека трансакцијата е на пат.
Директорот на Бирото за финансиска заштита на потрошувачите, Роит Чопра, директно и остро изјави дека со години континуираната злоупотреба и кршење на законите од страна на МаниГрам мора конечно да биде запрена затоа што компанијата не е недопирлива. На ова од компанијата возвратија дека е штета што толку висока државна институција се раководи од претпоставки на ограничени умови, дека ниту еден нивни потрошувач не бил оштетен, но дека компанијата е веќе навикната да се брани од клевети, па ќе се одбрани и од оваа.
По неодамнешното мнозинско преземање на МаниГрам од Медисон Диарборн Партнерс за 1,8 милијарди долари, акциите на компанијата претрпеа благ пад на вредноста. Се очекува тужбата да предизвика уште поголема штета во вредноста на акциите на МаниГрам.