Во време кога сѐ, па дури и самодовербата се мери со кликови и лајкови, одлучноста да се остане бескомпромисно доследен на самиот себе и своите вредности, без понизно додворување кон светот, значи ризик од осаменост и опасност од изолација.
Таквиот интегритет не мора да значи некаква претерана и пренагласена чесност, но на жителите на Содом и Гомор дури и таквата „нормалност” би им изгледала како доволен повод за исмевање, како кон семејството на праведниот на Лот.
Пред многу години еден, во тоа време, многу стар човек од еснафот на чаршијата, раскажуваше дека најубави му биле сеќавањата од „,турско” време, затоа што – тогаш имаше обична милост меѓу луѓето.
Секоја чест на исклучоците, но општо земено, голем дел од она што денес се нуди и сервира како музика има за цел да шокира, да иритира, да возбуди, да изнервира, па дури и малтретира, што дополнително додава немир врз немирот од кој сите истовремено се жалат, додека уживаат во него.
Во такви околности, да си смирен, ненаметлив, природен и пристоен, искрено да зборуваш и пееш за обични чувства, без ритам кој заглушува, без „ауто-тјунови” и без турбо примеси на арапски „техно-рок” варијации, значи доброволно да подигнеш тежок товар, кој во име на убавото, вредното … воспитаното, бара дополнителен труд за докажување, пробивање, опстојување … оти навистина е тешко кога треба да се наметнеш, ама без да се наметнеш.
Колку и да не е модерно денес само туку-така просто да се сака и велича жената, колку и да му изгледа тоа некому преромантично „,папучарски”, без секс, интриги, неверства и промоција на претерано вулгарен хедонизам, алкохол, дрога и уживање, на светот сѐ уште му е потребна таквата класична нежност, за едноставно да опстои.
Овој народ низ премрежјата на својата тешка историја научил да пее за љубовта толку нежно и искрено, што и денес не може да се замисли опуштена седенка без народните староградски романси, ниту веридба и свадба во која паровите танцуваат и пејат на „онаа нашата”.
„Ноќта ко мастило
се стори,
златна месечина,
меракот ќе ме изгори,
мора пак
да те видам јас”
– Стиховите кои чекаа три години да се претворат во песна – од „Празниот календар” до „Мастилото”
Достојна за рангот на „Те видов тебе и се заљубив” или „Не кажувај либе добра ноќ”, новата по датум на издавање, но веќе со обележја на стар евергрин „Не сум сретнал јас жена како тебе” (Мастило) претендира допрва да стане љубовна химна, „онаа нашата” за некои нови парови, кои на своите свршувачки, свадби и сите следни заеднички поводи во животот ќе се сеќаваат на времето кога за Денот на вљубените, за Осми Март, за роденденот или онака без повод, на маса, дома, в кафана, под пенџере или под ведро небо на плажа, се разнежувале со едноставните и непретенциозни стихови кои ненаметливо ја носат и откриваат една од најсуштествените филозофски дефиниции за љубовта – да дава, а ништо не бара.
Техничките детали на процесот на создавање на една песна, авторскиот тим, видео спотот … се важни кусо време по промоцијата.
Потоа она што ќе се обнароди, станува „народно” без сајбии, стопани и кираџии … луѓето си го присвојуваат и пејат како да е нивно. Денес сме сведоци на многу песни, за кои дури и дел од музичарите не знаат дека се авторски и новосоздадени, па како народни ги потпишуваат на своите изведби. И тоа нималку не ги омаловажува, туку напротив е најголемото можно признание за легенди од типот на Јонче Христовски, Ајри Демировски, Васка Илиева … песните да ти се пејат како да се наследство на сите.
Менде Куновски (со неговата екипа од изведувачи и автори) денес е редок Дон Кихот кој инсистира на враќање на пристојноста во кафаните и свирките на т.н. „тезги”.
И неговото име, на плакатот пред вратата, веќе станува показател не само за рангот и угледот на ресторанот, туку и гаранција за една пристојна и воспитана вечер, без малтретирање на ушите и вкусовите.
Како што добрата префинета храна не оди со секакво вино, така и важен дел за целосно комплетирање на едно солидно ресторанско мени е и музиката, која доколку не е внимателно избрана, знае и од најскапите угледни ресторани да направи обични „биртии” и обратно – да го облагороди, комплетира и хармонизира просторот и амбиентот.
Прецизно одбраниот репертоар на Менде Куновски го прави токму тоа.