Во денешното премногу динамично време кога сѐ повеќе млади стекнуваат навики – сѐ да добиваат брзо и инстантно, се намалува и интересот за свирење инструменти, особено на оние за кои треба многу време, труд и одрекување, а кои тешко можат да донесат брза и лесна заработка.
Во такви услови, да си прв студент во изучувањето на мајсторијата на инструмент каков што е харфата, и пионерски да го пробиваш патот за другите, за кои не можеш ни да си сигурен дека ќе доаѓаат по тебе, е уште поголем подвиг, имајќи го предвид ризикот, напорот и одрекувањата кои се потребни.
Македонија и уметноста воопшто, треба да се среќни што ја имаат Мерсиха Шукри, која што освен со беспрекорната мајсторија на својот инструмент го облагородува денешното наше загадено сивило во вкусот за убавото, со своите јасни, приземни и многу прагматични ставови за себе, за светот и за животот, лично се труди да го нагласи и да го врати значењето на музиката во воспитувањето и растењето на здрави генерации, како и на заслуженото место кое треба да го има во едно нормално, цивилизирано и општество кое достигнало одредено ниво на културолошки развој.
Во рубриката Анфас (интервју) ја имаме честа, одблиску и многу искрено да ви ја претставиме харфистката Мерсиха Шукри
Какво е чувството да се биде првиот студент во Македонија на отсекот харфа на Факултетот за музичка уметност?
– Чувство на предизвик. Од една страна носи убавина која значи испишување во историјата на нашата земја, затоа што претходно немало можност да се изучува овој инструмент кај нас. Од друга страна е експеримент бидејќи немањето на наставен план и програма по која ќе се изучува, носи големи искушенија и проблеми. Заедно со образовните институции и самите педагози, започнавме едно, досега ново патување на кое сите се учевме. Со мене се отвори патот, кој беше навистина трновит и полн со предизвици и препреки.
Потекнувате од музичко семејство. Вашиот татко Рамадан Шукри е основач на стариот и на новиот мандолински оркестар, вашиот брат Ерхан исто така е виолинист и диригент. Се чувствува ли некој музички натпревар во позитивна смисла меѓу вас за докажување во музички правец?
– Иако мојот татко и брат се исто така музичари, секој од нас е т.н. бренд во својата работа. Сите сме ексклузивни и единствени во нашето делување. Никогаш не постоел натпревар меѓу нас. Напротив, секогаш сме тука еден за друг во споделување на идеи, совети па дури и конструктивни критики. Без разлика што сме семејно поврзани, сепак сме колеги кои ја делат сцената.
Имате светски настапи. Тргнувајќи од светскиот конгрес за харфа во Амстердам кој влезе во Гинисов рекорд за најголемиот и најдолг оркестар од харфи па се до изведба со светски познати музичари и уметници ширум светот. Каде е полесно да се настапува, дома или надвор?
– За професионалецот секој настап е важен и треба да му пристапи одговорно. Секој концерт или настап има своја убавина. Кога е дома, го имаш чувството дека си меѓу своите. Додека пак надвор, можноста да запознаеш нови колеги и споделиш искуства. Во оваа професија учиш и се градиш како уметник доживотно.
Неодамна имавте извонреден настап на реномираниот Интернационален Фестивал на класична музика, Интерфест во Битола 2022. Дали е точно дека тремата и чувството на одговорност се најголеми дома и дека е најтешко е да се настапува пред своите отколку пред било која друга публика во светот. Да не заборавиме и дека битолчани се познати како мааниџии и ситничари?
-Уметниците се нормални, обични луѓе кои имаат привилегија од Универзумот да се бават со една убава племенита професија. Најчесто, никој не знае што се случува зад сцената, се’ до оној момент кога уметникот ќе го почне својот настап. Секој мој настап во Битола ми бил посебно драг затоа што Битолчани имаат префинет и високо изграден вкус и критериум. Последниот, на реномираниот фестивал Интерфест, ми претставуваше голема чест заради поканата да настапам, но и многу емотивен од лична природа.
Имено, моите родители се Битолчани и имам голем број на пријатели и роднини кои секогаш биле присутни како публика. За жал, некои од нив заради пандемијата ги изгубивме. Моментот кога излегов на сцена, како еден нормален човек, изреагирав искрено и емотивно и тоа публиката можеше да го примети по треперењето на мојот глас кога се обратив. Искрената емоција е таа која го води уметникот и го прави посебен. Драго ми е што публиката ја препозна и уживаше во звуците на харфата.
Познато е меѓу обичниот народ дека харфата се смета за женски инструмент. Дали инструментите воопшто можат да се поделат на машки и женски?
– Можеби заради својата нежност во звукот, харфата се поврзува со женскиот пол. Меѓутоа, во светот има голем број на мажи-харфисти кои се многу успешни. Дури во минатото, во историјата на самата харфа и нејзиниот развој како инструмент, како и во создавањето на разните композиции за истата, мажите се јавуваат како композитори и како одлични педагози – основачи на многу школи за изучување на харфа.
Дали може секој да си дозволи студирање на харфа во денешно време знаејќи колку е скапо да се има своја за дома?
– Доколку се има јака волја и одлука, секако дека може. Имено, тргнувајќи од мене, кога дипломирав немав своја харфа. За време на своето образование, зависев од инструментите на институциите како опера, филхармонија, а подоцна и факултетот. Тоа подразбираше секојдневно повеќе часовно чекање за да можете да вежбате кога харфата и просторијата во која се наоѓа,се слободни. Настапите и концертите за време на школувањето исто така зависеа од добрата волја на претпоставените, дали ќе дозволат да се користи. Но, гледајќи од денешна перспектива, сите тие искушенија само ми ја зајакнале желбата за да успеам и се изборам со сите предизвици на патот.
Дали се уште подучувате деца да свират на харфа и колку е генерално интересот за најмладите за тој инструмент?
– За жал, се’ помалку има интерес за изучување на овој инструмент. Причините се најразлични . Од фактот што денешните генерации сакаат што побрзо да научат да свират, па од немањето инструмент како изговор и најмногу од домашното воспитување. Изучувањето на било кој музички инструмент кај децата влијае во развојот на двете мозочни хемисфери, во моториката па дури и емоционалната интелигенција. Придобивките се големи. Самото изучување на некој инструмент, не значи дека тие понатаму мораат да се бават професионално. Оние кои ќе одлучат пак, да им биде животна професионална определба,треба да знаат дека тоа бара многу одрекување и жртвување за да се успее. Често велам, дека ние сме како спортистите. За да останеме во кондиција и се усовршуваме, мораме постојано и редовно да вежбаме секој ден.
Која личност која имала некакво професионално влијание ќе ја паметите до крај на живот?
– Француската харфистка Кетрин Мишел. До своето дипломирање, имав руска школа на изучување харфа. По дипломирањето, заминав на специјализација кај проф. Мишел. Таа, покрај харфистичките теми, често на часовите ме едуцираше и за други нешта кои ми помогнаа да го разберам подобро и да уживам во самото свирење. Со едноставни примери од животот, правеше споредба и ми ја будеше имагинацијата, креативноста. Едноставно, чувствував како созревам, не само со харфата, туку и во животот. Тоа ми отвори можност да се пронајдам себеси и во поглед на харфата да можам да извлечам и лично да комбинирам и од руската и од француската школа
Свирите и блуз на харфата покрај класичниот репертоар. Кој музички правец ви е предизвик да го изведите или поточно која македонска песна би ви била посебен предизвик?
– Не сум размислувала поконкретно, но секогаш сум отворена за некои нови идеи, зависно од моментот на инспирација. Ја сакам рок музиката и можеби некој познат хит од овој правец, во соработка со драги колеги, да направиме нешто интересно.
Од македонската музика, ја сакам изворната и можеби песни како Деј гиди луди млади години, Море сокол пие и сл.
Што ве исполнува најмногу во животот?
– Се’ она што знае емотивно и духовно да оплемени и исполни. Малите нешта, пријателите, љубовта на најблиските. Природата, патувањата, медитацијата…
Што би биле кога не свиреле на харфа?
– Како девојче, сакав да бидам балерина. Подоцна заради големата љубов кон животните сакав да бидам ветеринар. Го сакам пишувањето и истражувањето, можеби заради оној новинарски дух кој го носам во себе. Од друга страна, неправдата не ја сакам што повлекува и некој скриен правник во мене. 🙂
Со која светска музичка ѕвезда би сакале да настапите?
– Со Стинг и Шаде
Кога би биле министер за култура кои први три работи би ги презеле?
– Зголемување и вработување на сите оние места на кои се потребни уметници, а намалување на бројот на администрација кој е навистина преголем и непотребен. Треба да се разбере дека сите културни институции се темелат на самите уметници, без кои не би ни постоеле.
Поголемо почитување за уметниците и нивната работа затоа што тие се духовната храна за сите останати луѓе, граѓани. Уметноста е стил на живеење. Без неа полека, но сигурно се умира секој ден. Таа игра важна улога во воспитувањето на младите, во распознавањето на моралното и неморалното, здравото и нездравото.
Подигнување на стандардот и вреднување на работата на уметникот.
Дали во време кога дури и популарната музика не се продава на носачи на звук постои желба и оправданост да издадете албум, ЦД… или тоа игра улога за планирање на идниот репертоар на концертните настапи?
– Кај нас се’ е поврзано од финансискиот аспект, без разлика дали е тоа планирање на концерт или издавање на ЦД. Досега имам издадено едно ЦД со музика на харфа “Мерсихарфа“ кое е и прво ЦД од овој тип во Македонија. Повеќе е со репрезентативен, а не од профитабилен карактер. Здравје, можно е, кога ќе се создадат услови да се реализира и следен носач на звук. Сепак убавината која ја носи ЦД-то, е неспоредлива со сите оние можности кои ни ги нуди интернетот.
Што е ваша инспирација во животот?
– Секој нов ден е инспирација во животот, тоа повлекува благодарност за она што го имаме. Човекот што ќе го погледнам во огледалото, негувајќи ги своите вредности, да остави трага на среќа и исполнетост кај другите. Во професијата, секогаш ќе има и подобри и полоши од вас. Затоа се трудам да бидам подобра од она што вчера сум го сработила.