Во време кога наставничката професија стои пред многу предизвици, професорката Милица Радевска од СОУ ,,Таки Даскало” им пркоси на тие предизвици.
Особено поради тоа што таа работи како професор по македонски јазик кој работи со млади индивидуи, со тинејџери. Таа ја има можеби една од клучните улоги, во еден бурен и ризичен период кај таа популација. Сведоци сме, како што идат генерациите, кои се се посовремени, така образованието има повеќе задачи. Радевска тврди дека на децата т.е. учениците важно е да им се пристапи педагошки, психолошки, другарски.

Како современ поет кој како „киски кијамет в пазуви” со години ревносно го чува и негува богатството на роднокрајната лексика на демирхисарскиот говор, свесна за динамичното време во кое живеат новите генерации, Милица Радевска и во својот воспитен пристап успешно го разбира, комбинира и применува нужниот компромис со инстантниот конзумеризам на новите социјални медиуми, кои вниманието на едно ново „милениумско” дете тешко го задржуваат повеќе од 8 до 12 секунди.

За тоа колку е тешко да се прилагодиш, но сепак да останеш свој, а истовремено соодветно да одговориш на сите современи предизвици на еден професор, во рубриката Анфас разговаравме со Милица Радевска.
Родена сте во селото Вирово, Демир Хисар. Колку тој факт, Вашето родно место, имаше влијание во Вашата поезија?
– Постои едно општо правило дека секој уметник, па и писателите најдобро создаваат кога директно се поврзуваат со изворот на нивната духовност. Или поинаку кажано создавате и пишувате за она што најдобро го знаете и го живеете. Но, секако, има уште еден важен сегмент во сето тоа-потребата да истражувате за коренот на зборот, неговата генеалогија, значења, синонимија. Во тој поглед важна е и соработката со роднокрајните демирхисарски писатели како што е Радован П. Цветковски, Горјан Петревски, Раде Силјан, но и творештвото на Петре М. Андреевски… Секој на свој начин ме охрабрил да создавам, да ја надградувам својата индивидуалност, својот поетски стил. Во еден период соработував со Радован П. Цветковски на неговиот капитален проект „Речникот на демирхисарскиот говор“, и неговите „Сказанија демирхисарски“, што секако е потврда за богатството на лексиката на овој говор, но и за можностите за поетски проблеснувања. Во таа смисла,Весна Мундишевска-Велјановска во критички осврт за мојата книга „Сам во пределите на сонот“,забележа: „Зборот-светлина и зборот-слика „сочуванаво ехото на сонот“, во оваа книга е неуморен стражар на бедемот на наследството на реликвиите од еден (под)заборавен свет на спокојот на предците наспроти кој нашата реалност немирно првка со „киски кијамет в пазуви“ потсмевајќи му се на бремето,надлетувајќи го дури и сонот во недофатноста на севремето.“

Поетеса сте. Од каде доаѓа таа инспирација, како се случува она што спие во срцето да се ,,навезе“ на парче хартија?
– Инспирација е самиот живот. Секоја песна е приказна за себе, секој збор е воздишка или рационализирана мисла. Песната е ослободена енергија која треба да си го најде својот пристан, својот брег во душата на оној што ја чита. Понекогаш ќе се изненадите како таа се рефлектира кај читателот и какви асоцијации може да разбуди. Процесот на создавање на песната е „модар јаглен што гори во утробата“, како што вели Ацо Шопов, и додека не спотне тој оган, поетот е немирен. Раѓањето на зборот е процес на духовни бранувања – потрагата по вистинскиот збор е потрага во тајните на Универзумот.

Прифаќа ли Милица критика при пишувањето? Ги почитува туѓите совети?
– Кога авторот ќе го создаде делото тоа патува низ духовните меридијани. Начинот на кој читателите ќе го прифатат и како критиката ќе реагира не е работа на авторот, тој ја ослободил мислата од кафезот на постојаноста и унифицираноста. Вистинскиот критичар треба да ги одреди естетските и филозофските параметри на книгата, да ги одреди стилските белези. Но она што е поважно е и прашањето колку авторите се читаат меѓу себе, колку дискутираат за суштински прашања од областа на литературата, колку искрено разменуваат искуства, дилеми, и предлагаат можни решенија.

Вашата поезија на преведувана на повеќе странски јазици. Но, како се чувствувате Вие, кога ќе ја прочитате сопствената поезија на туѓ јазик?
– Кога песната ќе се преведе таа добива нова облека, не може да биде истата. Процесот на преведување, односно препев е сложен процес. Оној кој преведува треба добро да ги владее и двата јазика, но и да ја разбира поезијата. Секако, во тие препеви песната дише со една свежина и ја допира суштината на идејноста и духовните настроенија на поетот.

Интересна е Вашата книга,,Две Д“. Кажете нешто повеќе за неа.
– Книгата е посветена на две личности, ќерката Даниела и свекрвата Даница. Она што ги поврзува двете личности е енергијата и промисленоста за животот. Ќерката во светот на музичката уметност, а свекрвата во животот кој не бил благонаклонет низ годините. И двете низ животот се раководат од човечките добродетели- храброста, мудроста, увереноста и справедливоста. Во таа насока мудри и храбри да се борат за вредностите во кои веруваат, но и справедливи и уверени пред сите премрежја и искуства во животот, независно од годините.

Вие сте професор по македонски јазик во СОУ „Таки Даскало“-Битола. Сте испратиле многу генерации. Како е да се работи со ученици, особено кога станува збор за тинејџери?
– Секоја генерација си има свој карактер, свои барања, свои очекувања- наставникот не смее да генерализира, дека оваа генерација била подобра или полоша од претходната. Наставникот е тој кој треба да го разбере контекстот во кој живееат младите- ние не смееме да сме тие кои го запреле времето-ние живееме во дадениот миг и време. Оттука наставникот треба да биде ментор кој води и поучува, а не личност која казнува, забранува, очекува. Многу често и учениците ни покажуваат каде одиме, што пропуштаме во нивните животи, што не разбираме за тоа кои се нивните вистински потреби. Тинејџерите се ранливи, но искрени, во потрага на себеси и своето јас, во барање на одговорите кои се, што сакаат, како да го направат тоа. Ние возрасните сме тие кои ја носиме најголемата одговорност во тој процес. Многу често нè изненадуваат со своите обиди и успеси. Всушност единственото што вистински треба да го правиме е да го разбрануваме она заспано дете во нив, сѐ потоа си доаѓа на своето место. Во работата со тинејџерите нема унифицирани правила, секое дете е личност, приказна за себе и секое дете има свои потреби и очекувања.

Автор сте на повеќе трудови од областа на воспитно-педагошка дејност. Но, колку е предизвикувачки она што е теорија да се реализира во пракса, на час со учениците?
– Сите трудови се резултат на некаква рефлексија од наставните часови, односно од примената на теоријата во праксата. Исто така, во образовниот процес важна е корелацијата со други наставни предмети, или корелација помеѓу видови на образование. Така последниот труд беше соработка помеѓу учениците од гимназиското и стручното образование, односно графичката струка. Како резултат на таа соработка со Весна Мундишевска-Велјановска, предметен наставник по графички стручни предмети и учениците од нејзината графичка паралелка и учениците од втора година реформирано гимназиско образование-билингвална паралелка произлезе трудот во чест на јубилејот „100 години Конески“, кој беше објавен во списанието за литература и култура „Современост“, а пред тоа и коавторската книга „Јазикот и графиката“. Значи одвреме, навреме, барем еднаш во месецот наставникот треба да биде креативен, да поттикне љубопитство кај учениците да истражуваат, да ги користат правилно сите алатки на дигиталната технологија.

Сведоци сме на ,,дигиталната ера“ и употребата на дигиталните уреди. Како Вие успевате тие технологии да ги направите корисни и едукативни за учениците?
– Ако технологија претставува прогрес, наставникот е тој што треба да не дава отпор туку да пронајде решенија како технологијата да ја доближи до наставниот процес. Мобилните телефони и Интернетот не се непријатели на наставниот процес-зависи од наставникот на кој начин ќе ги канализира барањата за применливост, за истражување и писмено изразување. Во таа насока наставникот треба да ја разбере оваа генерација врз која несомнено е влијанието на социјалните мрежи, и бришењето на граница помеѓу приватноста и она што се пласира јавно. Улогата на наставникот е да ги насочува и да ги води учениците самите да ги согледаат позитивните и негативните аспекти на тоа влијание. Како генерација која е “заразена” од употребата да технологијата и чии гледишта се поотворени, немаат отпор спрема промени. Нивниот главен двигател е постојаната борба за еднаквост. Тие имаат огромна толеранција спрема различностите што не е одлика кај постарите генерации (генерација X и бумерите).Најголемиот дел од времето на Интернет го трошат на YouTube, Snapchat, Instagram и TikTok, а за нив вистинските инфлуенсери се Јутуберите.
Комуницираат преку слики/мемиња, односно употребуваат помалку текст. Нивниот опсег на внимание е само 8 секунди, наспроти 12-те секунди кај миленијалците.Значи наставникот треба да ја запознае генерацијата на која и предава за да може да ја разбере и полесно да ја одреди идеалната стратегија за пристап.

Какво е Вашето мислење кога е во прашање македонскиот јазик и неговата правилна употреба од страна на младите индивидуи, учениците, дали кепенците пополека се затвораат или сепак постои надеж?
– Професорката Лилјана Минова–Ѓуркова во едно интервју за Македонската телевизија на прашањето за употребата и судбината на македонскиот јазик меѓу другото забележа дека секој како индивидуа е одговорен за тоа како го практикува јазикот. Секако и ние како практичари понесуваме дел од таа одговорност. Но, радува фактот што има млади луѓе кои во сите сфери на општествено живеење манифестираат свесност за македонскиот јазик.
