Во своето Велигденско Послание Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски г.Петар рече дека за војната во Украина не се виновни двата народи, туку лидерите и одговорните за мирот во светот. Тој предупреди дека и Црквите ќе носат голема одговорност пред Бога за страдањата на луѓето, доколку и тие не се вклучат во постигнувањето мир во Украина, по примерот на Свети Климент Охридски.
Возљубени во Христа вечниот Мир!
“Светот ретко знае да воспостави мир. Речиси како да не чул за мир. Немало времиња и моменти, ниту пак места, каде што немало војни и немири, стравови и ужаси, бегалци, напуштени и запустени домови, бездомници и што ли уште не. Никогаш светот не сфати и не разбра дека единствениот вечен мир, е во Христа Воскреснатиот, а секаков друг облик на мир е променлив, краток и преоден.
Уште од почеток на Велигденскиот Пост, кога секоја твар се измирува, па дури и дрвјата со гранките се поклонуваат едни кон други, правејќи слика на покајание и прошка, ние слушнавме за немири и судири меѓу Русија и Украина, односно воени операции врз Украина од страна на Русија.
Веднаш се поставува прашањето: „Кој прв почна?“ или поточно кој ги предизвика тие судири и немири. Секако, дека ниту мирољубивиот и благочестивиот Руски и Украински народ, туку оние што сакаат да имаат воена светска моќ во оваа светска глобализација. Обично, секогаш се обвинуваат не оние што ги создале судирите и немирите, туку оние што се учесници во судирите и немирите, а сите немири се заради покажување моќ и приграбување на материјални богатства и ресурси. Најголемата трагедија е во тоа што, предизвикувачите на овие судири и немири, ништо не прават за тие да престанат, туку напротив, уште повеќе ги поттикнуваат со помагање, да продолжат тие судири во кои страдаат невини луѓе, а тие, пак, предизвикувачите на тие судири и понатаму остануваат неми сеирџии на страдањата на немоќниот народ, старците, мажите, жените и децата.
Кој е најповикан да ги прекине овие судири и војувања на браќа против браќа? Доколку не можат или не сакаат тоа да го направат политичките управители, не само на Украина и Русија, туку и на сите инволвирани страни во овие судири. Очигледно, претставниците на светските организации за мир и безбедност, дека не само што се немоќни, туку за жал подлегнуваат на глобалистичките интереси и воени профитерства, па затоа сметаме дека не ќе можат тие пред Бога да се оправдаат, па дури и претставниците на Црквите и верските заедници, ако не седнат пред Празникот над празниците, Велигден на заедничка маса и не се договорат да изнајдат начин како да ги сопрат судирите. Ако ништо друго, нека се поучат од примерот на Свети Климент Охридски Чудотворец, кој кога царот Симеон одлучил да започне воени дејствија во Македонија, во длабока старост Светителот од Охрид во Плиска или Преслав, отишол кај царот и му рекол дека, ако отпочнат воените дејствија во мојата јуриздикција (Македонија – епархијата на Свети Климент), јас си давам неотповиклива оставка, па така, ги спречил воените дејствија во Македонија.
Со други зборови кажано, ако не се спречат овие воени судири, одговорноста покрај на светските управители на мирот и безбедноста на светот и Обединетите Нации, ќе падне и на сите претставници на Црквите и верските заедници, инволвирани во овие судири. Нам ништо друго не ни останува, освен да се молиме на Христа Бога Воскреснатиот, да престане оваа братоубиствена трагедија на овие два, во најголема мера еднородни и едноверни народи.”