„Денеска Ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; ќе најдете повиен Младенец, кој лежи во јасли“ (Лк. 2, 10-12)
Радувајте се браќа и сестри! – Словото стана Тело!
Радувајте се млади и стари! – Бог стана Човек!
Радувајте се најмили наши! – Со нас е Бог;
Христос се роди!
Возљубени браќа и сестри во Воплотениот Бог!
Бог стана човек, Словото добива плот, Невидливиот стана видлив, Божјиот Син стана син човечки. Да го подготвиме патот Господов во душите свои, во срцата свои и во животот свој.
Бог е на земјата, а човекот на небесата; ангелите им служат на луѓето, а луѓето се во општење со небесните сили; демоните бегаат, клетвата е симната, гревот исчезнал, заблудата е изгонета, вистината триумфирала!
Природата, од која херувимите го пазеле рајот, денес се соединила со Бога. Христос е во плот, со трепет и радост да се развеселиме. Да се радуваме, зашто повторно се распрснува темнината и пак се јавува светлина. Луѓето кои седеа во мракот на незнаењето, нека ја видат големата светлина на знаењето (Мат. 4,16). Доаѓа Мелхиседек, родениот без мајка, се раѓа без татко. Во првиот случај без мајка, во вториот без татко. Се нарушуваат законите на природата. Христос заповеда – да не Му се спротивставуваме.
Бескрајноста и недофатливоста на небесата, одеднаш е сместена во Витлеемската пештера. Копнежот и исчекувањето на многу генерации пророци и праведници веќе е повиен во јасли. Словото Божјо што слезе од небесата и стана Тело, сега се слуша во плачот на Новороденото Дете, на Божјиот Младенец. Да се радуваме и да се веселиме, браќа и сестри, зашто со нас е Бог, зашто Христос се роди!
Возљубени празникољупци, возљубени божикни сорадосници!
Божик е. Настапи празникот – мајката на празниците, и се исполни со радост вселената. Овој празник е за торжество на сите добродетели, корен и извор на сите наши блага. Празник преку кој небото се отвори, преградите паднаа, мракот се распрсна, светлината блесна, небото прими естетство произлезено од земјата, земјата го прими Оној, Кој почива на херувимите, робовите станаа слободни, непријателите – чеда. Преку овој празник е уништена продолжителната омраза и долгата војна, и настапи мир, одамна очекуван од ангелите и посакуван од праведните луѓе. И светиот апостол Павле воскликнал, велејќи: „Зашто Он е нашиот мир, Кој од двата народи направи еден и ја разруши преградата што беше меѓу нив, откако со плотта Своја го уништи непријателството, а законот на заповедите и одредбите го обессили, за да создаде во Себе од двата, еден нов народ, воспоставувајќи мир“ (Ефес. 2, 14-15). Ова е почеток на нашата природа, вооружување на нашиот Цар.
Кон Божикната радост што ја чувствувале земните созданија, се присоединиле и небесните – ангелите, кои пееле: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја.“ Браќа и сестри! Нашата Света Црква еве и нас нè повикува да земеме учество во оваа неизмерна радост: „Дојдете верни, да видиме каде се роди Христос; да го следиме патот по кој врвеше ѕвездата со мудреците, источните цареви. Таму ангелите го воспеваат непрестајно, пастирите пеат песна достојна велејќи: Слава на висините на Оној што денес се роди во пештера од Дева и Богородица, во Витлеем Јудејски“ (Седален на утрена на Божик).
Возљубени чеда на Раѓањето Христово!
Синот Божји преку Дева Марија Богородица можеше да стане човек во сета Негова полнота, и на тој начин, станувајќи на сé сличен на првиот Адам, да биде роден како тој, бессемено, и првиот човек да го искупи од гревот. Зашто, како што од Адамовото ребро ја создаде жената, така од Приснодевата Марија и Богородица, позајмувајќи тело и примајќи го, се роди слично на првосоздадениот, бессемено. Како што Адам низ престапот стана почеток на нашето раѓање во распадливост и смрт, така и Христос Бог, преку исполнувањето на целата правда, стана почеток на нашата преродба во бесмртност и нетленост. Значи, Дева зачна и надразумно го роди во две природи, Божествена и човечка, единиот Син, совршен Бог и совршен Човек, Господ наш Исус Христос.
Всушност, кај Христа постојат две раѓања. Едното раѓање е предвечно од Отецот, вон причина, време и природа, а другото се случи од Пресветата Богородица “преку зачнување во времето“, но, “зачнување над законот“, бидејќи зачна од Светиот Дух, бессемено, заради спасение на човечкиот род. Синот и Логосот Божји се роди пред сите векови од Девствениот Отец, без мајка, а во времето се роди од Дева Марија, без телесен татко. И двете раѓања беа бестрасни и без да предизвикаат промена, бидејќи ниту Бог Отецот со раѓањето претрпе нешто, ниту Пресвета Богородица со раѓањето ја загуби својата девственост.
И двете раѓања се несфатливи за човековата природа. Ние ја примаме откриената вистина дека Он се роди од Отецот без предизвикување измена и од Богородица бессемено, без да ги обработуваме интелектуално овие факти, затоа што, според зборовите на Свети Григориј Богослов, обидот за сфаќање на надразумната тајна може да го одведе човекот во лудило. Факт е дека двете раѓања ја даваат неопходната потврда дека човекот само преку Христа може да се спаси, бидејќи Христос ја поправи грешката на Адам, и го одведе човекот до целта до која ќе стигнеше Адам доколку не згрешеше.
Возљубени наши во Новородениот Богомладенец и Спасител!
Кога Создателот виде дека пропаѓа човекот кој го создаде, од преголема љубов кон човекот слезе од небесата, по благоволение на Отецот.
Бог Отецот го испраќа Синот Свој Единороден на земјата да прими тело човечко, и да ја возроди, од грев остарената, човечка природа, и да го обнови образот (ликот) Божји, помрачен од човечките безаконија. О, каква длабочина на премудроста, правдата и љубовта Божја кон човекот.
Бог со создавањето ни го даде највисокото нешто, т.е. образот и подобието, но, ние не го сочувавме, го изгубивме. Сега доаѓа Логосот Божји, прототипот на нашето создавање и го прима најниското, т.е. нашата природа, за да нè ослободи од трулежноста и за да го обнови садот кој се извалка и скрши, а исто така и за да нè ослободи од тиранијата на ѓаволот и да нè води кон нов живот.
Како што учи Свети Атанасиј Велики, Синот и Логосот Божји со Своето вочовечување прими најчисто тело од Богородица, но сепак страсно и смртно, за да го победи ѓаволот и смртта и за да стане прототип на новото создание.
Наши возљубени чеда, браќа и сестри христијани!
Христос со Своето воплотување, и преку Своите чуда, покажа дека е Господар над природата, човекот, идолите и демоните, односно, над сите нешта кои ние сме склони да ги обожуваме. Со тоа Христос не сакаше само да ни покаже Кој е Бог – Господарот на небото и земјата, туку дека коренот на сите наши падови и страдања се наоѓа во погрешното обожување, насочено кон созданието наместо кон Создателот.
Какво е и зошто е тоа погрешно обожување?!
Ете, во нашата земја, иако се градат и осветуваат цркви за слава на Бога, истовремено и многу помасовно се отвораат казина, спортски обложувалници, разни ноќни клубови итн. На медиумите, а особено на интернет, иако е достапна православна духовна и религиозна содржина, многу позначително е пребарувана и посетувана содржина со соблазнителен карактер, и друг духовен отров, кој подлабоко и од наркоманијата го загадува современото општество, а особено најмладите.
Еден од тие духовни отрови е тој што индоктринира – дека денес модерно е да се биде „хуман“ и „либерален“, да се биде подржувач на т.н. заедници и организации, кои пропагираат (читај наметнуваат) свои права и слободи, притоа, газејќи и исмејувајќи се врз правата и слободата на различните од нив, особено врз религиозните, и уште подиректно, врз православните христијани. Ете, подржувањето на вакви создадени заедници, здруженија и организации, често и од јавни личности, кои имаат за цел искривување и изопачување на, од Бога дадениот образ, се смета за модерно и напредно, додека, пак, да се биде подржувач на Бога, на Црквата, на христијанските и семејните вредности, се смета за конзервативно и заостанато.
Друго, денес исто така е модерно да се обрнува особено внимание и грижа на физичкиот изглед на човекот. Најчесто женскиот пол, а не ретко и мажите, прават разни хируршко естетски зафати – операции на своето тело, не од реална, здравствена потреба, туку единствено за разубавување, кое често завршува и со унакажување. А, пак, оние кои водат грижа за разубавување на душата, кои со духовен хируршки зафат, односно преку покајание и исповед ги отстрануваат недостатоците од своето срце, тие се сметаат за прости и заостанати.
Трето, модерно е, а било и од многу порано, да се посетуваат ноќни клубови, дискотеки и слични забавни места, каде се конзумира многу алкохол, а често и дрога, и се случуваат разни неморални и богонеугодни дела, под дејство на создателот на неморалот – сатаната. Додека, пак, оние кои го посетуваат храмот Божји во неделите и празниците, посетуваат свети места низ православниот свет, тие се сметаат за примитивни и заостанати.
И секако, најмасовното обожување кон созданието е тоа кое е насочено кон парите. Укажуваме и нагласуваме дека не е грев да се биде богат со труд и чесност, да се создава богатство и со него да се прават добри дела за спасение на душите, туку такво обожување на богатството, кое доведува до криминал, мито, корупција, лихварство, луксуз, бандатизам итн., и со кое се стигнува во пеколот.
Браќа и сестри – имаме избор! Достапен ни е Создателот, духовното, возвишеното, вечното; достапно ни е и созданието, материјалното, трулежното, минливото. Наше е што ќе одбереме! Наше е Кој или што ќе обожуваме! Наше е по кој пат ќе одиме и какви дела зад нас ќе оставиме!
Ние, како ваш Настојател и Владика, со скрушено срце и љубов, Го молиме Богомладенецот Христос да допре до сечие срце, да го осветли патот на сите вас, во нашата Преспанско-пелагониска Епархија, во Епархијата за Австралија и Нов Зеланд, и насекаде во православието.
Наши возљубени, наши најмили во Господа!
Не смееме и не можеме да го празнуваме Рождеството Христово – без Христа, да го славиме Божик – без Бога. Оваа необична и преславна тајна на Раѓањето Христово, нè воведува во уште подлабока тајна, која се остварува на личен и љубовен план помеѓу Бога и човекот, а тоа е кога човековото срце станува сместувалиште на Несместливиот, налик на утробата на Богородица и налик на Витлеемската пештера.
Да продреме во таа тајна. Да ги свртиме нашите духовни погледи кон Витлеемската пештера, и со духовните очи да ги видиме Витлеемските јасли и да му се поклониме на Богомладенецот Христа; да го вкусиме благодатниот мир Христов и да го пренесеме во нашето срце, во нашите домови, та така озарени од откривањето на оваа тајна, не само со нашата уста, туку и со целото наше битие да воскликнеме:
Христос се роди! Навистина се роди!
Ваш постојанен молитвеник пред Христа Богомладенецот,
Митрополит Преспанско-пелагониски и
администратор Австралиски и Новозеландски
† Петар.
Божик, 2022/23 година