Најмили наши чеда во Христа Преобразителот и Спасителот!
Во оваа Светла Воскресенска Седмица, во нашата земја Македонија се одржуваат избори. Граѓаните на Македонија ќе изберат Претседател на државата и пратеници во Парламентот. Нашиот народ е мудар и знае да направи правилен избор. На новоизбраниот Претседател, пратениците и на Владата, им посакуваме успех во извршувањето на одговорните задачи за добробитот на сите граѓани на нашата Татковина. Како одговорни за извршувањето на вашата должност, особено вам на православните пратеници, ви укажуваме да не заборавите дека доследно и крајно одговорно треба да се грижите, да не бидат во ништо запоставени духовните, културните, националните и општочовечките вредности, кои извираат од учењето на нашата Света Православна Вера и Црква.
Не заборавајте при донесувањето на врвните одлуки за доброто на граѓаните и општеството да се сообразувате со погоре посочените упатства, имајќи ги предвид зборовите на апостолот Петар и другите Апостоли: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела 5, 29), односно да се спротивставите, по секоја цена, на сè што е спротивно на Божјите и природните закони, како и на Божјата волја, заради вашето и спасението на сите луѓе.
Граѓаните, пак, особено оние од Православна вера, секогаш да имаат при ум дека се царско свештенство и избран народ, и затоа должни се да гласаат и изберат претставници и водачи кои што се одликуваат со морални вредности и ги исполниле или ќе ги исполнат ветувањата, за да не се случи втората измама да биде полоша од првата, т.е. слепец слепи да води. Во спротивно, гласачите виновни ќе бидат пред својата совест, која е гласот Божји во човекот.
Празникољубци! Во оваа прилика, сакаме да обрнеме внимание и да укажаме на еден друг, уште побитен, посуштински и спасоносен избор.
Имено, ние како слободни битија, создадени по Божјиот образ и подобие, го поседуваме дарот на слободната волја и имаме можност слободно да одлучуваме и избираме. Во нашиот живот често сме биле пред избор, уште од најмала возраст. Така, избиравме која играчка ја сакаме, со кои другарчиња ќе играме и ќе се дружиме, кој спорт ќе го избереме, во кое училиште ќе се запишеме, на кој факултет ќе студираме, кого или која ќе ги избереме за брачен другар/ка, какво возило, стан или куќа ќе купиме итн. Сето ова е во ред.
Но, пред секој човек, пред секој од нас, во овој живот, се поставени неколку клучни избори: ќе избереме добро или зло; вистина или лага; светлина или темнина; живот вечен или духовна смрт; Бога или ѓаволот?
Кога сме пред овој избор, да се потсетиме на Христовите зборови: „Јас Сум Патот, Вистината и Животот“ (Јован 14, 6). „Јас Сум добриот Пастир, Кој ја полага душата Своја за овците“ (Јован 10, 11); „Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот“ (Јован 8, 12); „Зашто Бог толку го возљуби светот, што го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен“ (Јован 3, 16). И сега, ќе се одлучиме ли да Го следиме Бога и да се уподобуваме на Него, или, пак, ќе се одлучиме за спротивното т.е. ќе ја искористиме ли нашата, од Бога дарувана слобода, за да го следиме ѓаволот, отфрлајќи Го Бога.
Богочовекот Исус Христос го победи ѓаволот, гревот и смртта. И тоа, ги победи заради нас. И воскресна, обезбедувајќи ни живот вечен. Ѓаволот, неговите демони, гревот и смртта се поразени. Наше е само слободно, со вера и на дело, да избереме; дали ќе учествуваме во победата на Христа Воскреснатиот, или, во поразот на ѓаволот. Никакви други победи или порази, не се толку важни на овој свет, и никаков друг посуштински избор немаме. Значи, или ќе бидеме со Христа и Неговата Црква или со ѓаволот и неговите лажни, телесни, преодни и минливи уживања и наслади во овој свет. Одлуката е само наша. Затоа да направиме вистински избор меѓу доброто и злото, меѓу Бога и ѓаволот, прифаќајќи ги доброто и Бога, а отфрлајќи го злото и ѓаволот. Ако го направиме тој избор, ние навистина ќе бидеме слободни, бидејќи нема да му робуваме на злото и ѓаволот.
Возљубени чеда во воскресенската радост!
Христос нашиот Бог беше жртвуван за нас, како Јагне заклан беше, и подаден на сите верни, заради простување на гревовите и живот вечен. Ете, и сега и во иднина, нè повикува сите да пристапиме кон приготвената Божја трпеза, на која е Он, Божјото Јагне. Да земеме учество во Пасхата; да не се лишуваме од оваа спасоносна и неискажлива Тајна; да пристапиме и да се насладиме со Животворниот Леб и Животворниот пијалок – Телото и Крвта Христови. Ете, со таква гозба, со таква трпеза, со такво празнување нè угостува Оној, Кој заради нас претрпе страдања, умре и Воскресна.
Да се радуваме возљубени празникољупци и да се прегрнеме еден со друг; да се просветлиме и да си простиме сè заради Воскресението. Амин!
Христос Воскресна! Навистина Воскресна!
Ваш постојанен молитвеник пред Христа Воскреснатиот,
Митрополит Преспанско-пелагониски и
Администратор Австралиски и Новозеландски
† Петар