Здравствените власти во САД и во неколку земји во Европа почнаа сериозно да ја истражуваат необичната појава на зачестени симптоми слични на хепатитис кај сѐ поголем број случаи на деца од 1-6 години.

По појавата на неколку кластери на случаи во сојузната држава Алабама, како и во Велика Британија, Данска, Ирска, Холандија и Шпанија, од кои првите се регистрирани уште во април 2021 година, властите почнаа испитувања на причините и дојдоа до заклучок дека, и покрај сличните симптоми, ниту еден од типовите на хепатит не е причинител на заболувањето.

Засега заклучокот е дека се работи за еден вид грип/настинка предизвикана од аденовирус, кој може сериозно да го оштети црниот дроб.

Во некои случаи на заболени деца, оштетувањето било толку големо што биле ставени на листа на чекање за трансплантација. Симптомите се висока температура со треска, отеченост и болки во абдоменот, темна мокрача и светла столица.

Лекарите велат дека овие случаи засега никако не можат да се поврзат со ковидот, било со негово прележување или со примени вакцини, туку дека се работи за специфичен тип на аденовирус, на кој сѐ уште му се проценува начинот на пренесување и брзината на ширење.

Британските здравствени власти соопштија дека засега само во Обединетото Кралство под опсервација се 108 активни случаи, 79 во Англија, 14 во Шкотска и 15 во Велс и Северна Ирска. Досега во најкритичните случаи на оштетувања на црниот дроб биле направени и 8 трансплантации.
