Финансиските власти на глобално ниво, банките и големите пазари како што се Европската унија и САД ги анализираат можните последици и чекорите кои треба да се преземат за да се спречи инфлацијата да доведе до верижно ширење на рецесија слична на состојбите во периодот на големата депресија во 20 век.

Стравот е дека трендот на пропаѓање на малите и средни претпријатија, кој почна поради мерките околу ковид-пандемијата, сега поради украинската криза ќе продолжи и ќе се продлабочи, доколку државите и банките не преземат мерки за спасување на бизнисите.

Ситуацијата во Италија е неколку пати полоша од другите европски земји, а малите бизниси погодени со ковид, претежно малите угостителски компании, ресторани, кафулиња и дуќанчиња, мака мачат со долговите најчесто за трошоци на енергија и плати и давачки кон државата за вработените, кои без помош од државата и банките не се способни да ги исплатат.

Европската унија се обидува да регулира, или барем да го констатира и да е во тек со начинот на давање поволни заеми за спасување од долговите на малите бизниси, преку државно субвенциoнирање и отпис на долгови од стотици милијарди евра.

Банките во Европа ги зголемуваат каматните стапки, што теоретски би требало да е добро, но во целата слика, инфлацијата која допрва ѝ се заканува на Европа може да предизвика општо назадување на економиите, што најмногу повторно ќе ги погоди банките.

Прогнозите се дека до крајот на годината рецесиjа во Европа може да достигне рекордни 7,7% што е невидено од периодот на големата депресија, и бара мерки слични на заздравувањето на европската економија од последиците на Втората Светска Војна. Се очекува новите блокади и санкции на Европската унија кон Русија, уште повеќе да ја оштетат економијата во Европа, во што нема да бидат поштедени и економските џинови како Германија, која е многу зависна од руските енергенси.
Проблем во преземањето на организирани мерки во ЕУ, и воспоставување на некакви маргини и правила на државното субвенциoнирање на бaнкарските заеми и кредити, ќе претставува и разликата од економија до економија, но и видливата политичка разединетост околу санкциите кон Русија.
Неколку европски земји најавија и бараат начин да бидат изземени од санкциите, затоа што сметаат дека нивната економија нема да може да ја преживее зависноста од руските енергенси, доколку нивниот увоз целосно прекине.