Жителите на селата Митрашинци, Будинарци, Мачево се самоорганизираат преку социјалните мрежи во што поголем број доброволно да се вклучат во гаснењето на пожарот на околу 50 декари дабова шума во околината на Митрашинци кој е надвор од контрола и постои голема опасност да прерасне во пожар сличен на минатогодишниот.
Помош во гаснењето на најави и Доброволното Противпожарно друштво од Кочани, а армиски хеликоптер полетал кон Берово.
Командирот на ТППЕ Берово Сашко Руменковски вели дека местото е на огромна далечина од селото, па поради лошиот пат до опожарениот дел и ноќта која брзо ќе настапи, потребната помош од населението и механизација ќе се реализира од рано наутро.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, најави дека доколку има услови хеликоптерот ќе интервенира уште веднаш и ќе исфрли вода над опожарените површини. Локалните власти во Берово велат дека постојат индиции дека пожарот бил подметнат, но тоа сѐ уште е на ниво на шпекулација.