Драги мои од печат излезе мојата најнова збирка песни „Бескрајно светла точка“, посветена на мојот син Андреј, а по повод неговиот 20-ти роденден. Со оваа збирка, всушност се заокружува бројот од 25 објавени поетски збирки до овој период. Рецензент е проф. д-р Васил Тоциновски, а дизајнот на корицата е на проф. Весна Мундишевска-Велјановска, им благодарам на обајцата….
Вака неуморниот македонскиот драмски писател, драматург, сценарист, поет, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература, Зоран Пејковски го најави излегувањето од печат на неговата најнова збирка поезија „Бескрајно светла точка“.

Пејковски неодамна со посебна објава на заедничка фотографија со неговата светла точка – синот Андреј, со јавен татковски совет му го честиташе 20 роденден.
Среќен 20-ти роденден синко, и запомни животот е полн со замки, а замките ги прават и тие, од кои не ги очекуваш, затоа внимавај кому ќе веруваш, биди мудар и секогаш подготвен. Иднината нека ти биде исполнета со здравје, убавина, радост, мудрост…
напиша на социјалната мрежа Фејсбук писателот

Покрај уникатниот еп „Нож“, кој претставува негово најзначајно книжевно дело од македонската историја, како и стихозбирката „Убавите жени“, книгата посветена на синот „Бескрајно светла точка” е 25 поетска збирка песни од вкупно 55 книжевни дела на Пејковски.


Пејковски е редовен академик на Руската Федерација,а од институцијата Светски амбасадори на мирот (Universelle des Ambassadeurs de la Paix, France & Switzerland) е назначен за почесен амбасадор на мирот.


Посебно значење има наградата Европски медал за поезија и уметност „Хомер“ што ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при Европската Унија, со што се здоби со титулата Европски писател на поезијата и уметноста.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година, член е на Друштвото на светските поети (Poetas delmundo) со седиште во Чиле од 2017, а тој е и почесен член на Сојузот на Украинските писатели од 2018 година. Член е и во други писателски асоцијации и друштва.

Меѓу другото работи и како доцент по предметите „Театар и „театрологија“ на Интернационалниот универзитет „Европа Прима“ од Скопје, а еден период тој беше и асистент на ректорот Јордан Плевнеш.
