Битола ја има честа да биде локацијата од која „Новата Ера” ќе го почне својот амбициозен пат низ Македонија, низ регионот, а зошто не и низ светот.

Ако оценуваме според досегашните позитивни коментари во кои авторот, композитор, аранжер, продуцент и во овој случај и изведувач, битолчанецот Никола Мицевски го споредуваат со најголемите современи светски автори и изведувачи, па дури и со мајсторите композитори на класична музика, најавата на интернационална турнеја и интерес за албумот „New Era” („Нова Ера”) воопшто не е далеку од дофатот.

Никола е задоволен како течат подготовките, а посебно му е мило што интересот за концертот е голем, затоа што е добро познато дека секој музичар и уметник воопшто, има најмногу трема и најважно му е да успее пред публиката во своето родно место.

– Почнуваме токму како што треба, како што носи редот, овде од Битола, а потоа сѐ ќе биде полесно – вели Мицевски со особена почит кон високите естетски и префинети критериуми на битолската публика.

Со него на сцената ќе бидат 15 врвни музичари и соработници, кои заедно ветуваат концертна вечер за паметење.

Ветувам концерт за паметење, со таа моја мешавина на балканските традиционални народни ритми и мелодиите од Западот, преточени преку музичките стилови на џез, фанк и музика од светот како посебен жанр
– вели Мицевски.

Концертот со почеток во 20.00 часот е логистички целосно поддржан од Центарот за култура каде и ќе се одржи, а зад целата продукција и организација стои добро проверената екипа на „Авалон Продукција”.
