Во рамките на проектот БАЗА НА ВЕШТИНИ – QR ПРАКСА, кој се реализира во соработка на Здружението QR ОПШТЕСТВО, СОУ „Таки Даскало“ Битола и Регионалната стопанска комора Битола, се реализираа низа обуки за т.н. „меки вештини“ со кои се опфатени ученици од втора, трета и четврта година од повеќе струки кои во моментов се дефицитарни на пазарот на трудот.
Обуките ги реализира училишниот психолог во СОУ “Таки Даскало“ м-р Марија Младеновска Димитровска, која ги едуцираше учениците во делот на кариерното советување и насочување, односно како младите луѓе да ги развијат своите не само стручни вештини и компетенции, туку да го креирааат и својот личен и професионален профил на личност, со цел полесно да дојдат до вработување.
– Денешното брзо и динамично време бара од младите луѓе, развивање не само на стручни компетенции кои се барани на пазарот на трудот, туку и развој на т.н. “меки вештини“, кои опфаќаат развој на комуникациски вештини, поголема мотивираност, подигнување на самодовербата со цел да бидат конкурентни на пазарот на трудот. Во рамките на обуките ги едуциравме учениците да научат како да направат добро си-ви, како да се претстават себе си на интервју за вработување, како и да научат да направат SWOT -анализа за себе си и да креираат акционен план со конкретни активности кои би ги презеле со цел да ги подобрат своите вештини и компетенции, согласно тоа што се бара од страна на бизнис секторот. Исто така учениците се поттикнуваат да бараат компании каде ќе извршат практиканство, како уште една алатка преку која ќе стекнат практични вештини за вработување
– истакна м-р Марија Младеновска-Димитровска.
Во рамките на активностите од проектот беше реализирана и работилница за учениците и наставници од угостителско-туристичката струка во хотел-ресторанот “Читална“, каде учениците изведуваат практична настава.
Во првите модули од обуките во изминатите неколку дена беа опфатени околу 200 ученици, од проектираните 300, колку што е целната амбиција на проектот. Една од целите на проектот е нивните вештини и податоци да бидат внесени на посебна изработена база, односно интернет страница преку која со примена на QR код брзо, лесно и ефикасно ќе се поврзат со 50-тина фирми од приватниот сектор кои имаат потреба од практиканти, со цел вмрежување на бизнис секторот и младите, заради намалување на разликите меѓу потребите од кадар на стопанствениците и стручните кадри кои стручните училишта ги произведуваат.