Тема на предавањето кое се одржа во неделата беа старите ракописни евангелија кои произлегуваат од Слепченскиот манастир.
Возљубени во Христа браќа и сестри! Евангелието, како што ни е познато е библиска книга од составот на Новиот Завет, која е преведена од старогрчки на словенски јазик од Словенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, уште пред нивното доаѓање во Велика Моравија (863 г). Овој прв словенски превод на евангелскиот текст го содржел т.н краток Апракос, поделен на ,,зачела“ кои се читаат на богослужбите во текот на целата година. Подоцна во Моравија, врз основа на словенското апракосно (изборно) евангелие бил докомплетиран преводот на полниот четвороевангелски текст. За разлика од краткото изборното евангелие, во четвороевангелието евангелскиот текст не е распореден според православните богослужби, туку според четирите евангелија од Матеј, Марко, Лука и Јован.
Најновите истражувања на В. Десподова, покажаа дека преводот на полното изборно евангелие не настанало во Русија, како што до неодамна се сметаше туку во кругот на Охридската книжевна школа.
После падот на Самоиловото царство, полното изборно евангелие било пренесено во Русија, на руски терен, и тука добило широка распространетост.
Евангелието зазема видно место во македонската писмена традиција. Во Македонија настанале голем број ракописни евангелски текстови, меѓу кои неколку глаголски од 10 век, како и повеќе десетици кирилични евангелија, пишувани во периодот од 11 – 16 век, од кои голем дел произлегуваат од Слепченскиот книжевен центар.
Од глаголичките евангелија се зачувани: Асемановото, Зографското и Мариинското евангелие кои денес се чуваат во библиотеки надвор од нашата татковина.
Асемановото глаголичко евангелие
Асемановото глаголичко евангелие моментално се чува во Ватиканската библиотека во Рим. Овој глаголички книжевен споменик, се смета за најстар словенски ракопис. Пишуван е врз пергамет со македонска обла глаголица. Тој во 14 век бил пренесен од Охрид во Светата Земја во Ерусалим, кадешто во 1736 г. при една посета на Ерусалим го пронаоѓа библиотекарот на Ватикан, Јосиф Симон Асемани, а после неговата смрт со целата негова колекција ракописот станува сопственост на Ватиканската библиотека во Рим, под бр.3. По Асемани ракописот и го добил денешниот назив – Асеманово евангелие.
Марииното Евангелие
Марииното Евангелие (10-11 век), го добил називот по светогорскиот скит на Пресвета Дева Марија, кадешто го нашол Виктор Григорович, и оттаму е пренесен во Русија. Денес се наоѓа во Државна Руска Библиотека во Москва во збирката на Григорович под бр 6/М 1689. Пишуванo е исто како Асемановото и Зографското Евангелие со обла македонска глаголица, и со македонски јазични особености.
Зографското евангелие
Зографското евангелие е исто така глаголички ракопис пишуван во 10 век со обла глаголица и со македонски јазични особености. Порано бил сопственост на Зографскиот манастир, но во 1860 год, братството на Зограф му го испратило на Рускиот Цар Александар Втори, кој пак и го подарил на Петроградската Национална библиотека, каде се наоѓа до ден денес.
Како што погоре спомнавме, голем дел од кириличните преписи на словенскиот превод на кратките евангелија и целосните четвороевангелија, произлегуваат од Слепченската ракописна збирка. А ние денес ќе се задржиме на најстарите зачувани од нив.
Радиново четвороевангелие
Пишувано е 13 век, на пергамент 295 л. ( 88-иот лист е хартиен, додаден во XVI в. при повторнотo подврзување на ракописот на местото на изгубениот пергаментен лист), 260 х 180 мм. Писмо – уставно, правопис рашки.
Пишувал Радин Нагоричанин од село Нагоричане, односно Жеглигово.
Текстот е во две колони.
Содржина: текстови на четирите евангелија, „Оглавленија“, предговорите на Теофилакт Охридски, Месецослов како и други придружни текстови: требни евангелија, сказание за читањето на евангелијата во текот на годината, сказание за редоследот на читањето на 11-те утрински воскресни неделни евангелија, синаксарски таблици, таблица на 12-те страстни евангелија. Во месецословот се одбележани спомените на Св. Петка Епиватска (14 октомври, л. 279а) и Св. Константин-Кирил Философ (14 февруари, л. 284б). Листовите 293 и 294, коишто се употребени за заштитни двокорични листови, се дел од минеј за октомври од првата половина на XIV в.
На л. 3а‒5а под наслов „Слово на блажениот учител наш Константин Философ“ е поместен Прогласот кон евангелието од којшто се зачувани четири преписи – три јужнословенски (полни) од кои најстар е овој кој се наоѓа во составот на овој слепченски ракопис, и еден руски (нецелосен). Прогласот кон евангелието претставува оригинална словенска поетска творба, и е еден вид стиховен вовед кон првиот словенски превод на новозаветниот текст на евангелието и се вбројува меѓу најраните споменици на старословеснката црковна поезија.
Орнаментика: плетена заставица од јужнословенски тип (л. 5а), иницијал во тератолошки стил (л. 84а) и мали киноварни иницијали; плетени маргинални украси (л. 82б, 83а,84а), везано писмо. Повез: штици во кожа ( од XVI в.). Ракописот е однесен од Слепченскиот манастир во Русија во два дела. Листот со записот на Радин Нагоричанин, којшто се наоѓал на крајот од евангелието, го зел при својата посета на манастирот во 1845 г. Виктор Григорович, додека целиот евангелски кодекс го зел од Слепче во 1868 г. рускиот колекционер Александар Гилфердинг. Долго време, притоа, во науката се зборуваше единствено за листот со записот на Радин Нагоричанин, додека за останатиот дел од ракописот не постоеја никакви податоци. Неодамна, меѓутоа, рускиот археограф А. А. Турилов откри дека Виктор Григорович го зел листот со записот на Радин Нагоричанин од пергаментното евангелие што Ал. Гилфердинг го однел во 1868 г. од Слепче и дека сега евангелието се наоѓа во Хлудовата збирка во Државниот историски музеј во Москва под бр.13.
Во записот книжевникот Радин Нагоричанин, наведува дека евангелието го пишувал во времето кога српскиот крал Урош (Милутин) се помирил со Византија.
Превод на записот:
Исус Христос – почеток и крај. Нему нека е слава во веки веков,амин,амин,амин. Јас многугрешниот Радин, ја испишав оваа книга ,за попот Загоранин во Сушица. И други книги испишав за попот Загоранин: Триод, Апостол, и Псалтир; До кого што ќе дојдат овие книги, ве молам отци, и браќа, попови, ѓакони, анагности, исправувајќи читајте, и не колнете, но подобро благословувајте, а вас Бог да ве благослови.Бидејќи не пишуваше светиот Дух, туку грешна рака; и споменете го попот што се погрижи, и сопругата негова и децата нивни, и приложниците. На крајот споменете ме и мене грешниот и недостојниот и со гревови богатиот; но, иако грешен сепак, Христов слуга сум., јас заблудениот анагност Радин Нагоричанин од Жеглигово, а вас Бог да ве прости во веки веков, амин. Се започна и се заврши со Божја помош, во деновите на кралот Урош (Милутин) и кралицата Симонида, при управникот Драгослав и госпоѓата негова Елена, коишто управуваа со местото Сушица, кога кралот се измири со грците во 6808 година од создавањето а светот(1300 после Христа), индикт 35, а другото и не разбрав која година беше.
Бог да го прости и Раде мајсторот, кој ми направи штици за книгата и Драгановата мајка … и сите Христијани Бог да ги прости и оние кои што ме научиле , во веки веков.
Амин.
Основниот дел од ракописот сега се наоѓа во Државниот историски музеј во Москва, во збирката на Алексеј Хлудов под бр. 13 (294 л.), додека листот со записот на Радин Нагоричанин, се чува во збирката на Виктор Григорович, Руската државна библиотека во Москва, под сигнатура ф. 87, No 11.III/M.1693.III
Четири листа од едно пергаментно четвороевангелие, кое е најдено внатре во еден конволут, ( односно Посен и Цветен Триод во една книга) денес се наоѓат во збирката на Стефан Верковиќ во Хрватската Академија на Науките. Потоа во каталогот на Љуба Стојановиќ за ракописите на старата Збирка на Народната Библиотека во Белград, наоѓаме податок за уште едно пергаментно слепченско четвороевангелие од 175 листа, кое било заведено во библиотеката под бр. 502, и на кое пишувало,, „нађено у ман. Слепчу“ и кое изгорело во пожарот што ја зафатил Народната библиотеката по германското бомбардирање на Белград на 6 април 1941 г.
ВЕРКОВИЌЕВО СЛЕПЧЕНСКО ЧЕТВОРОЕВАНГЕЛИЕ
Средина на XIV в., перг. 142 л., 210 х 288 мм. Писмо – калиграфски устав од средна големина, правопис – рашки. Текст во две колони. Во синаксарскиот дел од ракописот се среќава употреба на голема носовка, секако, под влијание на предлошката (антиграфот). Недостасува почетокот на евангелието според Матеј.
Содржина: четвороевангелие со синаксар, месецослов и неделни блажени за осумте гласа. Во синаксарот под 5 октомври – св. Петка, 19 октомври – св. Јован Рилски, 14 февруари – св Кирил Философ, учител словенски, 3 мај – св Теодосиј, Руски, 24 јули – св маченици Борис и Глеб.
Орнаментика: заставици во балканско-народен стил (плетенки со флорални украси) на почетокот од евангелијата (без евангелието според Матеј, чијшто почеток недостасува), синаксарот и месецословот. На почетокот од евангелијата, освен заставици има и иницијали, а кај насловот на „блажените“ – маргинален украс од цветови. Заставицата пред евангелието според Лука и иницијалот В на почетокот од евангелието според Јован се од архаичен тип со тератолошки елементи, карактеристични за XIII в.
Повез: штици во кожа. Зачувана е само задната корица од првобитната подврзија. Во 1950 г. извршена е реставрација на повезот, при што зачуваниот дел од задната корица е вграден во новата подврзија. На стр. 165 има запис од Ст. Верковиќ: Нашао Верковићъ 1862. Одпре принадлежао мон. Слепче. Седум листови од евангелието Ст. Верковиќ му продал на П. П. Вјаземски. Врз овој фрагмент од Верковиќевото Слепченско евангелие има белешка од Вјаземски: „8 листковъ изъ Слепченскаго монастыря приобретены Верковичемъ в 1857 году“ и од Верковиќ: „Изъ XIII или начала XIV вѣка. Стефань Верковичъ, изъ Сереза в Македоніи“. Основниот дел од ракописот се чува во Архивот на Хрватската академија на науките и уметностите (збирка на Стефан Верковиќ) под сигнатура IV d 3, додека фрагментот се наоѓаво Руската Национална библиотека во С. Петербург под сигн. Вяз.F.124/8
НИКОДИМОВО СЛЕПЧЕНСКО ЧЕТВОРОЕВАНГЕЛИЕ
XV в., хар. 301 л., 275 х 190 мм. Писмо – крупен полуустав, правопис – безјусов, едноеров (6). Пишувал еромонах Никодим. Првите два листа и последните два листа се од византиски пергаментен октоих, најверојатно, додадени при повторното подврзување на ракописот.
Содржина: четвороевангелие со предговори
Орнаментика: минијатури на евангелистите (минијатурата на евангелист Лука изгубена). Заставици и иницијали од балкански тип.
Повез: штици во кожа.
Превод на записот на книжевникот, еромонах Никодим:
Христос е почеток и крај. Нему нека му е слава во веки веков.Амин. Пишуваше Никодим многугрешниот и последниот помеѓу монасите. Бедниот еромонах. Затоа оние што ќе читаат и препишуваат, го молам вашето христољубие, спомнете го и моето сиромаштво во вашите молитви, за и вие да се удостоите на награда од Оној Кој им дава молитва на оние коишто се молат, и ги благословува годините на праведните.
Амин
Превод на други понови записи:
Да се знае кога ја навртивме водата на долните воденици во месец јуни 1627 г.. И беше еромонахот Симеон економ, монахот Ефтимиј, и грешниот монах Теодосиј.
Да се знае кога се претстави еромонахот господинот егумен Јоаники, синот на поп Стефан од Берешани, 12 ден во месец јануар во саботата, лето 1628)
ДА се знае, 1840 год, кога беше скапија, 104 гроша пченицата,95 пченката, 75 јачменот и просото, 45 овезот.
Ракописот го зел од Слепченскиот манастир Васил Икономов од Лазарополе и подоцна (1891 г.) го продал, заедно со останатите ракописи од својата збирка (општо 21 ракопис) на софиската Народна библиотека. Сега се чува во Националната библиотека „Св. Кирил и Методиј“ во Софија под бр.41
Слепченско ЧЕТВОРОЕВАНГЕЛИЕ
Крај на XIV в., хар. 295 л., 220 х 150 мм.
Писмо – среден устав, правопис – безјусов, едноеров (ь, големиот ер се јавува сосем ретко). Добро зачуван. Последните два листа се пергаментни.
Содржина: четвороевангелие со придружни текстови – упатства за читање на четвороевангелието и на евангелијата од Пасха до Неделата на митарот и фарисејот, месецослов и сл. Во месецословот се застапени Св. Сава Српски (14 јануари, л. 286б) и Св. Симеон Српски (13 февруари, л. 287а). Орнаментика: голема плетена заставица од геометриски тип (л. 5а), заставици-вињети (л. 3а, 82а, 84а, 131а, 134а, 216а) и иницијали во боја во почетокот на евангелијата.
Повез: штици во орнаментирана кожа. На л. 293б запис од 16 април 1549 г. дека ракописот е приложен во храм посветен на Св. Никола, демирхисарско с.Слепче.
Во третиот том од описот на словенските ракописи во софиската Народна библиотека е наведено дека „през 1865 г. това евангелие се е намирало в Слепченския манастир“. Ракописот од Македонија најпрвин е однесен во софискиот Археолошки музеј и оттаму подоцна е префрлен во софиската Народна библиотека, каде што се наоѓа и денес под сигнатурен број 852.
Ова се семо дел од најстарите слеченските четвороевангелија пишувани до 14 век, кои меѓудругото го потврдуваат фактот дека во овој манастир посветен на Великиот Претеча Христов, низ вековите на најавтентичен начин се негувала Светоклиментовата литургиска и писмена традиција, се со цел за духовна и писмена просвета на словенскиот народ на територијата која ја опфаќала цела дијацеза на Охридската Архиепископија.