Кинеската одбојкарска федерација им се извини на спортистите и јавноста, по жестоките реакции на социјалните мрежи, откако членките на кинеската одбојкарска женска репрезентација одиграа цел натпревар во Азискиот куп носејќи пропишани маски N95.
На кинеската социјална мрежа Веибо, преку ноќ веста за „маскираните” натпреварувачки достигна 16 милиони споделувања со негативни коментари. Главната поента на реакциите на јавноста беше дека властите свесно го ризикуваат здравјето на спортистите, само поради амбициозниот план за нулта-ковид-толеранција во Кина.
Со извинувањето следеше и објаснување дека инцидентот се случил од незнаење на управата на репрезентацијата, и дека власта не им наложила на спортистките да носат маски.
До сега ниту еден меѓународен натпревар, не се случило да се одигра со маски, освен хокарскиот натпревар меѓу Русија и Канада на почетокот на годинава, но по тестирањето на екипите маските навреме биле извадени и случајот не доживеа толку силни реакции во јавноста.