Акциите на јапонската автомобилската компанија Нисан паднаа за 5% откако француски Рено најави повлекување на дел од својот акционерски влог.
Всушност, се работи за најава на амбициите на францускиот производител Рено, да се обиде сам да развива своја сопствена линија на електрични автомобили која би се обидела да го фати чекорот со Тесла и Фолсваген, кои во моментов се водечки во прилагодувањето кон напредните автомобилски технологии за напуштање на горивото од органско потекло.
Иако најавата на Рено е засега само опција, која светлината на денот треба да ја види дури во втората половина на 2023 година, тоа беше доволен сигнал за пад на акциите на Нисан на берзите. Развивањето на електрично Рено е сосема независно од најавата на трите компании Рено, Мицубиши и Нисан на почетокот на годинава, дека ќе почнат со производство на електричен Нисан.
Рено презеде дел од Нисан пред 20 години кога стана активен акционер со 48% сопственост во компанијата, а Нисан се вклучи во Рено со 15% пасивни акции.