Дали ние ќе ја разбереме мудроста на Оној Кој СТАНА ЕДЕН ОД НАС, за да ни го покаже вистинското живеење, вистинското доживување на реалноста, вистинските големини на љубовта, која потекнува од симбиозата на надежта и верата, која излегува и се раѓа од соборноста и неразрушливоста на таа соборност, содржана во зборовите едно да сте како Ние што сме Едно (Јов. 17,21).
Постоењето на човекот поради неговата паднатост се манифестира во животот во овој свет преку неговото самољубие, а сега воплотениот Христос ни станува Пат, Вистина и Живот.
Треба само да Го следиме:
Патот на љубовта – секого да го возљубиш дури и повеќе од себеси;
Патот на вистината – човекот е создаден за вечност, малку нешта се квалитетни во животот за да им обрнуваме внимание, зашто сѐ е суета и ако е така, да се држиме до реалните вредности кои што одек имаат во вечноста;
Патот на животот – живи сме ако нашите дела имаат своја трајност и се проткаени со една мисла да послужиме во краткиот временски период, кој на земјава го нарекуваме живот.
Да послужиме до самозаборав, да послужиме надминувајќи ја смртта, значи со целото битие свое, заради животот на другите, кои не го разбрале самото служење. Ако така се преумиме, ние ќе го разбереме Христовото раѓање, односно Божјото воплотување и Неговата цел.
Христос се роди!