По 6 години постоење, МНР ја повлече согласноста за формирање Канцеларија на почесен конзул на Русија во Битола.
Руските медиуми ја пренесоа изјавата на заменикот портпарол на руското Министерство за надворешни работи, Иван Нечајев дека „несомнено се работи за политички мотивирана одлука” за која не било дадено никакво соодветно образложение.
Нечаев рече дека Скопје со ваквиот „антируски чекор“ покажува слепа лојалност кон западните сојузници и нивната политика на санкции кон Русија.
„За жал, Скопје ја жртвува институцијата почесни конзули кои помагаат да се развијат контакти меѓу луѓето, да им се помогне на луѓето и бизнисите. Се чини дека Северна Македонија не се грижи многу за сопствените интереси и се обидува да предизвика нашиот одговор, кој неизбежно ќе следи“
– ја пренесува Макфакс изјавата на заменик-портпаролот на руското МНР.
Рускиот конзулат во Битола беше отворен во август 2016 година, кога за почесен конзул беше поставен бизнисменот и некогашен сопственик на ракометниот клуб „Вардар“, Сергеј Самсоненко.