Пекинезерите припаѓаат на најстарата, кралска раса на кучиња од Кина. Поточно – од Пекинг. На обичниот граѓанин му било забрането да има пекинезер. Тие се сметаат за едни од најмалите кучиња, но ги бие глас дека се своеглави. Не сакаат нови луѓе и се премногу територијални. Човек треба многу да се труди за да ја стекне нивната доверба. Затоа, некои луѓе велат дека се лоши и само лаат, а на некои тоа им е смешно и воопшто не им пречи таквиот карактер. Па, секој си е посебен на свој начин, нели?
Пекинезерите не треба да се носат на многу долги прошетки поради тоа што се мали и немаат толку енергија, но и поради тоа што лицето им е “сплескано” и не можат правилно да дишат ако се изложени на напор. Достигнуваат тежина до 5-6 килограми, а висина до 15-20 центиметри. Пекинезерот има “горд” изглед и многу крзно! Затоа, ако сакате да чувате пекинезер, купете и чешел за него и чешлајте го секој ден, бидејќи крзното им паѓа постојано. Мене ме зачуди колку “штета” може да направи едно толку мало куче.
Иако не стекнуваат доверба лесно, многу се приврзуваат за сопственикот и го почитуваат. Многу му се верни и се послушни. Но, пазете да не ги оставите сами со мали деца. Можат да покажат агресија, бидејќи немаат трпение за детски игри. Тоа им влева немир и анксиозност и затоа знаат бурно да изреагираат. Пекинезерот е многу независно и самоуверено куче и очекува кралски третман – од секој, па и од сопственикот. Затоа е многу важно да се почне со тренирање од многу мала возраст, за да се избегне барем малку од тврдоглавоста.
Непријателски се настроени како кон луѓето – така и кон другите животни. Ако некое поголемо куче го нападне, пекинезерот ќе се брани (и ќе го брани сопственикот) па макар и да си го ризикува животот. Секогаш сум се прашувала зошто полицијата не ги користи пекинезерите. Хаха. Пекинезерот ќе ви стане или најдобар другар – или смртен непријател.
Иако имаат крзно кое им ја регулира телесната температура, не е лошо и да се потстрижуваат во летниот период. Секогаш дотурајте им вода – особено во лето. Кучињата не потат како нас – потат преку перничињата на нозете. Исто така и легнуваат на стомак на ладна површина и забрзано вдишуваат и издишуваат. Проверувајте им го крзното кај нозете после секое шетање бидејќи се ниски и може да им се закачат тревки, а и други работи кои би ја иритирале нивната кожа.
Кога станува збор за здравјето: Пекинезерите имаат проблеми со дигестивниот систем, така што се многу чести компликациите со столицата. Ветеринарите советуваат да се избегнува давањето на коски бидејќи не можат убаво да ги сварат. Во подоцнежни години, можат да имаат проблеми со срцето и бубрезите. Исто така, треба многу да се внимава на денталното здравје. Покрај сето ова, обично живеат до 12-13, а некои и до 15 години.
Се на се, прекинезерот е мошне добар миленик ако можете да ги занемарите неговите непријатни страни. Со правилен тренинг (не само физички) може да се постигнат зачудувачки резултати. Само, еден совет: Не му викајте! Голема е веројатноста дека не само што нема да послуша, туку и ќе ве замрази. И не го хранете премногу. Пекинезерот е лаком и многу лесно можете да помислите дека уште му се јаде! Половина до една чашка два пати денот е сосем доволно.
И нешто многу важно: Ценете го времето поминато со вашиот миленик и грижете се колку што можете најдобро. Вие сте му целиот живот; љубовта е обострана, така што – сакајте го дури можете. 10 години брзо ќе поминат, а замена нема да можете да најдете – а нема ни да сакате.