Градоначалникот на Општина Демир Хисар Никола Најдовски беше домаќин на првата службена средба со дел од членовите на Научно – организациониот одбор на Демирхисарската летна школа.
Научниот рааководител на Школата проф. д-р Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ и научен советник во Центарот за истражување на културното наследство при МАНУ и членовите на Одборот отец Серафим, игумен на манастирот „Св. Јован Претеча“ и Благоја Шундовски, администратор на целиот проект, го информираа градоначалникот Најдовски за текот на последните оперативно – технички и финансиски подготовки.
Годинашната, 5та по ред Демирхисарска летна школа повторно се враќа под покровителство на Општина Демир Хисар и ќе се одржи од 7ми до 12ти јули. Свеченото отворање традиционално ќе биде организирано во Манастирот „Св. Јован Претеча“ Слепче, на 7ми јули, на големиот православен празник, раѓањето на Свети Јован Претеча – Иванден.
Демирхисарската летна школа концепциски претставува едукативно-научна и културна манифестација која во себе обединува пет работни секции, археологија, историја, архитектура, историја на уметност и теологија. Активностите на школата се насочени кон истражување, проучување, промовирање и афирмирање на културно-историските традиции и вредности на Демирхисарско преку работа со 20-25 студенти, додипломци и пост-дипломци од универзитетите „Св. Кирил и Методиј“, Скопје и „Гоце Делчев“ од Штип, но и студенти од странство.
Организаторите, општина Демир Хисар и манастир Слепче заедно со Истражувачкиот центар за културно наследство на МАНУ подготвуваат посебна програма во знак на јубилејот. Предвидените активности опфаќаат ретроспективна изложба на која ќе се презентираат резултатите и постигнувањата од активностите на Школата со застапеност на сите работни секции низ 30 паноа, постери и банери, оригинални артефакти, дигитални копии на средновековни ракописи и значајни историски документи, како и две публикации во чест на јубилејот.
Годинава првпат како посебна тематска цел на интерес, во рамките на историската секција ќе биде вклучен и локалитетот на црквата Св. Петка во с. Света каде што се наоѓа гробот на илинденецот Ѓорѓи Ралев Скршениот и гробовите на револуционери од ова населено место.
Школата финансиски е поддржана од Општина Демир Хисар, Манастирот „Св. Јован Крстител“ Слепче и Министерството за култура.