Во Њујорк почна 77 Генерално Собрание на Организацијата на обединетите нации.
Генералниот секретар Антонио Гутереш рече дека многу од предизвиците и целите поставени претходно, остануваат високо на агендата на ООН и во наредниот период:
“Се соочуваме со свет кој е во опасност и покрај нашите напори секаде да обезбедиме мир, почитување на човековите права и одржлив развој. Воени конфликти, климатски промени, разнишан светски финансиски ситем од кој најмногу се погодени земјите во развој, сиромаштија, нееднаквост и глад, недоврба и поделеност.”
Обединетите нации и нејзините тела, последните години се обидуваат да ја вратат релевантноста на светската политичка сцена, по децении на унилатерални акции и непочитување на востанoвениот систем на носење одлуки, најчесто прекршувани од самите земји постојани членки на Советот за безбедност на ООН, што во извесна мера ја доведе во прашање и релевантноста, па дури и целисходноста на Организацијата, и отвори прашања за преиспитување на потребата од реформи во начинот на одлучување.
Но, ковид пандемијата, и слични глобални предизвици од здравството, екологијата, сиромаштијата, образованието, културата, работната сила, сепак ја потврдија потребата од вакво глобално солидарно организирање и заедничко делување, какво што Обединетите нации овозможуваат преку своите тела и подорганизации.