Интервју со професор Даниела Петровска и автор на книгата за деца и млади „Последниот Лист гитарист“
На 27.12.2023 година во Малата сала на Центарот за култура – Битола се одржа промоција на книгата „Последниот Лист гитарист“ во Ваше авторство. Имавте прилично креативна и естетки провокативна кампања во рекламата на Вашата книга и на таков начин го привлековте вниманието на публиката од сите возрасти. На промоцијата имаше и деца и возрасни во ист број. Објaснете ни ја целта на Вашата кампања за книгата.
- Процесот на организирањето на кампањата за реклама на книгата се одвиваше во согласност со мојата желба дека на промоцијата треба да присуствува публика од сите возрасни групи, зашто пораката што сакав да ја испратам на примарно ниво е дека всушност во теоријата на литературата не постои строго детерминирање на подвидот литерaтура за деца и млади, па така и мојата книга е наменета за широката читателска публика која што сакам да препознае во неа еден широк дијапазон на естетско-етички кодови кои го засегаат секого од нас. Значи, мојата книга им е посветена на децата и на младите, но и на луѓето од сите возрасти.

Кога зборуваме за тие естетско-етички кодови на книгата, кажете ни кои тематски кодови би ги откриле децата и воопшто читателите во вашата книга „Последниот Лист гитарист“.
- Низ страниците на оваа книга се трага по етичките премиси на ликовите што ја детерминираат иницијацијата на детето. Тоа се ликовите на мајката и таткото како двигатели на развојните фази на детето. Во нив е сугерирана заштитничката улога на родителот кон детето, неговата саможртва кога мигот одлучува кој ќе остане жив пред пушката на ловецот (мајката или детето). На тој начин, сакам да го соочам детето со проблемски ситуации кои јасно укажуваат дека смртта може секогаш секому да му се случи. Тенденцијата е да се најде мотив за живот секогаш кога се чини дека тој е убиен од несреќните околности. Мотивот за продолжување на животот го носи детето кон емоционална зрелост и кон развивање на неговата емоционална интелигенција, насушно потребна за надминување на трагичните околности во кои тоа во одредени мигови од животот се нашло.
Што се однесува до естетските кодови, мислам дека во оваа книга многу јасно се препознава мојата licentia poetica. Функцијата на јазикот е полифонична, особено се нагласени фонетско-фонолошките фигури на изразот кои ги прават текстовите да звучат силно и со тоа јасно да значат. Римата им дава милозвучност и мелодичност.
Во естетско-етичкиот дискурс се забележува и дека некои од текстовите може да се рече дека се инспирирани од познатите ликови во литературата за деца, па така, ликови не се само човечките суштества туку животните и предметите. На тој начин, тие текстови стануваат и бајковити и баснолики.

Какви ликови протагонисти има во книгата и со какви пречки се сочуваат тие при нивниот устрем кон посакуваната цел?
- Ликовите протагонисти „имаат задача“ да ги претстават светот и животот на луѓето такви какви што треба да бидат, а не такви какви што се во реалноста која постојано треба да се анализира и да се прочистува од духовно нечистите личности. Само на тој начин може да се одржува екологијата на духот на детето. Тенденцијата е насочена кон тоа проблемските ситуaции да се решат низ етичката лична трансформација на ликот протагонист или преку сугестијата дека таа трансформација треба да се случи и на поширок општествено-колективен план.
Протагонистите секогаш имаат пречки кон остварувањето на целите: лошите луѓе, непознати состојби и ситуации како што е смртта, заканата на „посилниот“ кон „послабиот“, личното соочување со „рушењето на идеалите“, озборувањето што го контаминира духовниот простор на секој човек. Антагонистите како ликови всушност не треба да ги гледаме како исклучиво негативни ликови, зашто тие имаат своја функција во литературата. Од нив протагонистот учи каков не треба да биде и секогаш духовно, филозофски и етички се издигнува повисоко откако ќе ја реши проблемската ситуација.

Видливо е дека на страниците на оваа книга испраќате високохуманистички и високохумани пораки кои мотивираат и го откриваат Вашиот личен оптимизам, но и оптимизмот на сите ликови во книгата. Зошто одбравте да бидете оптимист ако речеме дека светот на микорплан и на макроплан е во егзистенцијална и морална криза?
- Да, јас одбирам да бидам оптимист затоа што низ овие триесет години професионален ангажман како професор по предметот Македонски јазик и литература имам јасна визија за светот и за животот дека понекогаш се обременети со тешки мигови на лична криза на детето или со криза на идентитетот кога доаѓа во новата средина, често и со загуба на родителот. Што ако токму тогаш на детето и професорот му ја скрши разнишаната самодоверба? Тоа ќе овене и може да падне лесно во летаргија и во песимистички очекувања. Како професионалец и како човек, јас секогаш стојам на ставот дека како што вели еленот татко во песната „Бамби и еленот татко“ живтот носи удар, но секогаш треба да се биде мудар и да се најде причината зошто треба да се продолжи таму каде што се застанало. Мотивот за живот треба да биде примарен кај детето без оглед на одредени психолошко-егзистенцијални предизвици.

Во Вашите искази низ медиумите пративте порака дека Листот Гитарист е пркос. Името на ликот го супстантивизиравте и тој стана лик со име и презиме и сега е вистински лик-индивидуалец. Кому пркоси тој и кога се раѓа неговиот отпор кон „секојдневната стварност“?
- Да, добро забележавте дека на овој лист веќе му стана лично името Лист Гитарист. Овој Лист е лик што ја афирмира својата непомирливост со наводно „нужните“ промени во животот кои го насочуваат кон лично страдање и помирување со можноста да падне од гранката кога е есенско време и со тоа да легне на земја и да се исуши во „комфорот“ на златножолтиот тепих во шумата. Тој одлучува спротивно од логиката на „природното“: станува последен лист гитарист кој ќе ги забавува шумските растенија и шумските животни и одлучува да направи „есенска журка славна“. Останува да живее во текот на есента и на зимата, тој станува свесен дека желбата „ДА СЕ БИДЕ“ е снажна, таа е важна. На тој начин и сите други ликови го носат мотивот „ДА СЕ БИДЕ“ без да се плашат од тоа што ќе речат конформистите и што ќе донесе наредниот ден. Всушност, тоа и никој од нас не го знае, нели? Затоа силно ја испраќам пораката преку своите ликови дека секоја одважност да се сонува личниот сон води кон остварувањето на една само своја потенцијална реалност. Во неа сѐ се случува во согласност со сопствените очекувања и желби.

Многу емоционално и силно човечки зазвучија Вашите зборови кон публиката, а истовремено и лично кон Вашите деца кои ги нарековте Бамби дека „сѐ е живо што в срце се свило“.
- Песната „Бамби и еленот татко“ е од естетско-етички аспект еден од најсилните текстови во книгата. Напишана е врз мотивот за еленчето Бамби, позната авторска тема на писателот Феликс Залтен. Во неа се изразени зачуденоста и тагата на Бамби од првото долготрајно отсуство на мајка му која за да му го спаси животот нему, излегува пред пушката на ловецот. Но Бамби е многу малечок за да сфати дека мајка му е мртва, па плаче и тажи поради тоа што е отсутна и го оставила да ја чека долго време. Всушност, во тој миг како помошник и спасител од тагата се појавува ликот на еленот татко кој ретко зборува и се појавува само во исклучителни иницијалиски мигови за еленчето. Мудриот елен татко ќе ги упати најсуштинските и највеличествените зборови кон Бамби:
Однекаде глас се слушна,
нешто во шумата шушна:
– Исправи го малото тело!
Еленот се покажува на дело!
Сѐ што ти е мило,
гнездо в срце што ти свило,
сѐ е живо, сѐ е живо,
живо… живо…
____________
Но ќе бидеш како мене мудар,
ќе кажеш дека животот носи и удар!И, запомни!
– Сѐ што ти е мило, в срце што се свило,
сѐ е живо, сѐ е живо,
живо… живо…
Многу деца на светот, за жал и моите две Бамби, имаат изгубено родител и ја знаат тежината на празнината во душата што ја создала таа загуба. Но јас како мајка и најмногу како човек, уверена сум дека токму во такви мигови децата треба да знаат како да го најдат мотивот да се спротивстават на силите на ентропија: тоа е мотивот на благодарноста дека имале таков добар родител кој ќе биде пример низ животот за нив и се разбира, мотивот на стоењето простум токму тогаш кога животот задава удар. Тоа не значи дека тагата е отсутна од душата на детето, туку така единствено учи како мудро да ги носи на својот грб сите премрежиња и како во соодветен миг може да се „ослободи“ од товарот. Тоа е созревање, процес во траење, но е потребно нужно да се одвива поради градењето здрава личност од детето кое во некој иден миг и самото ќе биде родител.

Зошто во вашата професионална работа инсистирате на тоа децата задолжително да читаат книги? Во светот на инстант информации се чини дека таа практика на читање книги тешко ѝ паѓа на младата популација.
- Ако децата не читаат книги, ако возрасните не читаат книги, ако не уживаме во сликарските дела или во музичките класични дела, ќе останеме духовни инвалиди. Консумеристичкото општество наметна брз начин на живеење, брз начин на размена на информации и брзо и евтино трошење на драгоценото слободно и неслободно време. Читањето книги значи останување очи во очи со себе, значи имање време за себе и за сопствениот духовен и интелектуален капацитет што треба постојано да се развива. Уметничкото образование воопшто, го развива чувството на самодоверба, на самопочитување, го олеснува снаоѓањето на детето во социјалниот живот, ги подобрува когнитивните способности и креативноста од секаков вид, ја засилува внатрешната мотивација, ја раѓа желбата за истражување на нови и непознати теми, ја подобрува способноста за изразување. Литературата им поставува прашања на децата и тие треба да трагаат по одговорот на тие прашања. Затоа инсистирам децата и возрасните да читаат книги и да го урнат стереотипот дека немаат време. Нека читаат книги сите, така процесот на себеразбирање ќе се олесни, а и разбирањето на другиот ќе биде посуштинско и почовечно.
Ви благодариме за разговорот и изразуваме желба Вашата книга „Последниот лист гитарист“ што побрзо да дојде во рацете на читателите.