Како што водата од изворот со течението нараснува, но со растењето ги губи првобитните својства, чистотата и свежината претворајќи се во голема река која попатно собрала и по некоја нечистотија, така и зборот човечки, колку повеќе е пренесуван и преведуван е во опасност да ја изгуби или ослаби суштината на неговото изворно значење.
Токму затоа е важно, особено кога се работи за Словото Божјо, за Евангелие, Апостол или друга службена и духовна литература, колку што е можно да се “пие” поблиску од изворот.
Во Слепченскиот Манастир Свети Јован Претеча се наоѓал познатиот PRAXAPOSTOLOS SLEPCENSIS од 11 век кој е најран, најизворно сочуван препис од кирилометодиевиот превод на Апостолот. Или, што би се рекло, како да пиете директно од раката на Светите Кирил и Методиј само со посредство на монасите од слепченската обител.
И тоа не за фалба или за слава на некаква посебност на славјанството, туку за народот да може на својот мајчин јазик изворно да се запознае со тајните на Спасението, но и да се сочува не само од погрешни преводи, туку и од погрешни учења и ереси (како Латинизацијата и Богомилството).
Што ги терало монасите во 16, 14, 11, 7 па и 5 век да заминуваат во манастир?
Ова е реторичко прашање кое си го поставува секој од нас, во оваа прилика споменето низ устата на отец Серафим.
- Бегство од метежот на светот?
- Потрага по чист воздух?
- Трагање по вечноста?
- Откривање на Бога?
- За и буквално, малку погоре (в планина) да ги имаат срцата?
Да се поблиску до Царството Божјо и Воскресението преку стекнување со Божјата Благодат или Благодатта на Светиот Дух, подеднакво точно и еднодушно и едномислено изложено од Свети Григориј Палама во 14 век или од Свети Серафим Саровски во 19 век, иако меѓу нив, според светските мерки имало стотици километри географска оддалеченост и 5 цели векови временска дистанца.
Слично и со времето на монасите од Слепченскиот Манастир. Тогаш или сега? Нема разлика.
Во овој некогаш главен книжевен центар на Охридската Архиепископија се пишувале и препишувале црковни службени книги, но и се создавале авторски дела.
Научниците забележале дека во Слепченскиот „Продрум” имало 5 Помјаници и 3 Триптиси, а во манастариот Зограф на Света Гора 3 Помјаници и 1 Триптих; забележале и дека тука е преведен, препишан, напишан… најстариот познат Патерик (Старечник) од 14 век, толкувања на Лествицата од 14 век, најстариот Писмовник или според денешинот јазик, Прирачник по кореспонденција и пишување писма, Номоканонот на Матеја Властар, Стиховните Пролози, Слепченските Зборници, делата на Висарион Слепченски (Варлаам) кои допрва се откриваат и проучуваат низ светските библиотечни архиви и музејски збирки.
Како што водата во манастирската чешма кај јужниот влез постојано и непрестајно тече директно од изворот од планината, дури и тогаш кога покрај неа немало жедни, така и денешното сестринство во Слепче го продолжува делото на монасите кои таму престојувале и твореле со векови пред нив.
Скромно и тивко, како што ѝ доликува на Благодатта на Духот, денес тука течат нивните нови „Манастирски води” сега како и тогаш.
И секој што вкусил да изгасне жед сфатил дека – ТОГАШ Е СЕГА.
Во неделата на 17 јули 2022 со воведното слово на отец Серафим и предавањето на тема „Ракописното книжевно наследство” од сестра Екатерина, започна циклусот предавања за верниците, пријателите, пошироката јавност и секој што сака да чуе.
Следното предавање во недела на 24 јули ќе биде на тема „Иконата и нејзиниот пад”.