Франција ја обвини Русија дека го користи гасот како оружје, додека според Кремљ за новиот тридневен прекин на испорака на гас преку Северниот Поток се виновни западните санкции кон Русија.
Новиот прекин на испораката се совпаѓа со министерскиот состанок на ЕУ во Прага на кој се разговара за предлогот на балтичките земји, Европа да им забрани влез на руските туристи, предлог кој неофицијално ќе биде одбиен од Франција и Германија.
Ова е втор прекин на испораката на руски гас за Европа, по десетдневниот прекин во јули, а гасоводот во моментот оперира со само 10% од својот капацитет. Ова предизвика цените на гасот во Европа да пораснат за 400%, а Европската комисија да почне да прави планови на енергетско реорганизирање на пазарот во ЕУ.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на конференција во Словенија вети интервенции во енергетиката и нова пазарна шема на трговијата со електрична енергија која треба да обезбеди енергетски баланс во ЕУ оваа зима.