Кога целиот живот го посветиш на некоја цел која на почетокот на луѓето од опкружувањето им изгледа како недостижен идеал, а особено кога по години упорност, макотрпна работа и учење гледаш како пред твоите очи и пред очите на скептиците таквата цел станува реалност дури и повеќе од првичната замисла, тогаш скромноста, иако вистинска станува излишна, затоа што ќе пречи на патот на пренесување на таквото искуство на другите, како додадена вредност на првичната мисија.
Соговорникот на Кепенци во ова издание на Анфас, Недо Пинезиќ, себе си не се смета за туристички експерт, но е подготвен своето знаење стекнато низ искуствена пракса да го пренесе секаде каде што е потребно и притоа и самиот да продолжи да учи и љубопитно да осознава и открива нови знаења од луѓето на кои им предава.
Во Македонија велиме: – не слушај гаталец, туку паталец, што во превод би значело дека треба да се слушаат советите од луѓе кои на своја кожа, емпириски го искусиле тоа што го „проповедаат”, а не само од теоретичари кои фантазираат за некакви научни тези, кои немаат многу допир со реалноста. Дали Недо Пенезиќ е „гаталец” или „паталец”?
– Го живеам она што го зборувам – е мојот најкус одговор. Имам среќа што мојот живот е проткаен со големо искуство, но што и денес во овие зрели години сум љубопитен како мало дете и расположен за учење. Среќен сум, ако дел од тоа искуство можам да го пренесам на другите луѓе и да им помогнам да го скратат патот кон зададената цел.
Во Македонија сте во еден вид мисија на пренесување на тоа сопствено искуство на оние на кои им е најпотребно. Во Преспанскиот Регион, на преубавото езеро, во подрачје со голем туристички потенцијал кој е многу малку искористен, два дена се дружевте со македонските „паталци” – ентузијасти кои во многу неизвесни услови имаа храброст, како поединци и во рамките на своите семејства и мали рурални заедници да се фатат во костец со туризмот во обид предизвикот да го претворат во можност. Ова беше ваша прва средба во низата, каков е вашиот впечаток, гледате ли овде доволен потенцијал за остварување на целта на една ваква обука?
– Секако. Потенцијалот не е тоа што недостига и за тоа сме сите свесни. Јас повеќе сакам да зборувам за волјата на луѓето да направат вистински чекори од кои и тие самите лично и како заедница ќе можат да ги остварат своите цели. Почувствував добра, позитивна енергија, особено на крајот од вториот ден. Неспорно е дека сите учесници се храбри и претприемчиви луѓе. Ми се чини дека имаат и волја за здружување на силите. Верувам дека таа добра енергија уште повеќе ќе ја развиваме во следните дружења.
Освен многуте практични примери од вашето сопствено искуство и искуствата од вашиот остров Крк и од Хрватска воопшто, како примери за силни туристички брендови, еден добар и важен дел од првиот модул на вашата обука во Преспа, беа и силните мотивациски пораки. Колку, освен прагмата и тоа нужно рационално претприемачко размислување, во туризмот е важна идејата, тој идеалистички, можеби и по малку луд занес, упорност, па дури и тој наш познат балкански инает, како поттик за реализација на идеи кои на почетокот се чинат како невозможна мисија?
– Одлично го кажавте тоа! Да, мора да си и малку „мрднат“, да го имаш во себе тој некој инает и понекогаш да тргнеш „со главата низ ѕид”. И вие сте добар пример на таквата упорност и јас ви се восхитувам како успевате во скромни услови да ги развивате вашите идеи и да остварувате одлични проекти. И јас „играм на таа карта” во овој наш заеднички проект.
Преспанското Езеро е на дофат на Охридското, но се чини, со години како да е во сенка на познатиот Охрид, во кој што досега биле фокусирани сите национални промоции и државни и приватни туристички инвестиции, создавајќи клима на еден неартикулиран туристички развој, кој веќе стана закана за самиот себе, доведувајќи го дури во ризик и одамна стекнатиот статус на Град на УНЕСКО. Таквото досегашно запоставување ја сочува Преспа како негибната природа, еден ендемичен хабитат на флора и фауна, со мали езерски острови и брегови во три различни земји. Гледате ли во тоа потенцијал? Во контекст на актуелните, драстично изменети меѓународни трендови во туризмот.
– Преспа е бисер на негибнатата природа и таква мора и да остане.
Сѐ што правиме мора да биде на високо ниво на развиена еколошка свест. Охрид не го познавам доволно добро, но она што досега го видов и слушнав ме потсетува на нашите познати туристички места на Јадранот кои доживеаја преизграденост и урбанистички удар на автентичноста.
Се надевам дека сѐ уште не е доцна да учиме на грешките на другите и да го планираме натамошниот развој на одржлив начин.
Која е вашата порака за сите „обични” луѓе во Македонија, особено за младите од селата, коишто можеби почнале колебливо и со страв, но сепак да размислуваат за некакви скромни инвестиции во туризмот во своите мали места и трошни семејни куќи?
– Без оглед на сите потешкотии, денешното време на дигитална економија ни овозможува и преку работа оддалеку да се вклучиме во светските текови на деловно работење, а притоа да не мораме да одиме „trbuhom za kruhom” (во странство по егзистенција).
Ако ја искомбинираме својата примарна дејност со дополнителни приходи од туризмот, можеме да постигнеме таков стандард со кој ќе можеме да си дозволиме патувања по светот како слободни луѓе, а не како наемни работници.
Од друга страна, ако животот сепак нѐ однесе во странство, по стекнување нови знаења и искуства, добро е да се знае дека во родниот крај нѐ чека „наше место под сонцето”. Во своето природно опкружување во кое квалитетот на животот дава исполнетост на духот и вистинско чувство на среќa, каде што можеме со стекнатото знаење и капитал да помогнеме во изградбата на подобро животно опкружување за идните генерации и да ги оствариме своите соништа. Што повеќе од тоа човек може да посака?
Пинезиќ пролетва во Преспа се дружеше со дваесетина исклучителни претприемачи, рурални туристички работници, производители на храна и сродни здруженија, во рамките на првиот од четирите модули на проектот на УСАИД за Управување економски развој и раст на претпријатијата (EDGE) и ГИЗ Поддршка на економската диверзификација во руралните подрачја на Југоисточна Европа СЕДРА, за земјите од Западен Балкан. Повод за разговорот е обуката одржана во Отешево, на автентичниот брег на Преспанското Езеро.