Да читаш, да пишуваш, да даваш, споделуваш, сочувствуваш, да покажуваш грижа за другите…, ништо од ова некогаш не се сметаше за некоја посебна доблест, туку беше нешто секојдневно, вообичаено и многу човечко.
Но денес, во време на изместени вредности, кога секоја ретка можност треба да се искористи како пример за другите, се чини дека библиското правило „Да не знае твојата лева рака, што прави десната“ може да биде и заобиколено, за да се покаже и види не само примерот, туку и надежта за иднината која обично ја гледаме во младите.

Младата битолчанка Ивана Христова, која иако се уште ученичка во Медицинското училиште, минатата година издаде стихозбирка, имаше идеја пишувањето и читањето да ги поврзи со хуманоста, и уште за време на промоцијата на книгата „Огнот во мене“ вети дека симболичните средства од нејзината продажба ќе ги донира во хуманитарни цели.

Во време на празнично расположение, во пресрет на дочекот на т.н. Стара или Православна Нова Година, Ивана организираше хуманитарна промоција во Клиничката Болница во Битола, под мотото „Да бидеме нечија среќа“, при што, со поддршка на началничката на одделението д-р Оливера Груевска, специјалист педијатар и главната сестра Ленче Петровска, донираше новогодишни пакетчиња за децата згрижени во Детското одделение на болницата.

Ивана вели дека и по овој настан таа ќе продолжи да донира во хуманитарни цели, преку средствата кои ќе бидат собрани со купување на нејзината книга во во книжарницата “BOOK’S HOUSE“, во центарот на градот, во некогашните простории на Општина на Битола.

Се надевам дека со моја книга, отворив некои нови видици на младите од мојата генерација, но и на возрасните, со цел да нè разберат дека живееме во едно поинакво време од нивното. За книгата да допре до секој читател, ја организирав оваа хуманитарна промоција. Благодарна им сум на сите, кои во најголема мера, колку што можеа помогнаа да се направи овој мал гест, а за некому да значи многу, рече Ивана.
