Зошто во Битола со години недостигаат истите стручни кадри кои образованието секоја година ги „произведува“?
Како стручно обучените ученици и компаниите кои имаат потреба од нив да дознаат едни за други и да се спојат?
Што треба сите заедно како локална заедница и општество да преземеме за да го спречиме одливот на кадри кој правопропорционално го загрозува економскиот развој ?
По одговорите, во изминатите 6 месеци, заеднички трагаа активистите на Здружението за афирмација на дигиталната култура QR Општество од Битола, заедно со 300 ученици од СОУ „Таки Даскало“ Битола и 50-тина компании, потенцијални работодавачи, членки на Регионалната стопанска комора во Битола, со финансика поддршка од Европската унија во рамките на Програмата за засилување на граѓанската отпорност и проектот за Помош при обезбедување овозможувачко опкружување за граѓанските Организации.
На завршниот настан на проектот „База на вештини – QR Пракса“ во хотелот „Милениум“ на Широк Сокак, пред околу 100 присутни беа презентирани искуствата од проектот: – резултатите од оригиналното истражување – Анкета на 50 компании во врска со нивните искуства со практиканти, потреби од кадар и размислувања и визии за економскиот развој; – беше промовирана нова оригинална Интернет страна на која практикантите ќе се спојуваат со компаниите; и – беа претставени искуствата од обуките со учениците за стекнување на т.н. меки вештини за себепретставување и кариерно профилирање.
Паралелено со настанот кој беше пренесуван преку поткаст на Интернет во живо, на кој учениците на опуштен начин ги споделија своите искуства, средношколците се „разиграа” и со скенирање на своите персонализирани QR кодови и барањето на своите профили на Интернет Страницата www.baseofskills.org.mk, која преминува во владение на нивното училиште и допрва ќе се полни и надградува со нови ученички профили и компании.
Освен 80тина ученици и претставници на училиштето како главен партнер, на настанот присуствуваа и претставници на другиот партнер Регионалната стопанска комора, неколку компании, здруженија на граѓани, Агенцијата за вработување и Општина Битола.
Настанот заврши со поентата дека ова е една од најважните, ако не и клучна тема за планирање на економски развој на Битола и што е најважно, спречување или барем намалување на тенденцијата на иселување на младите стручни кадри од градот и од државата.