Зачудувачко е богатството на културното и народно наследство со кое Македонија изобилува, насекаде околу нас.
Само околу Битола, во пазувите на планините, на чекор до градскиот метеж се наоѓаат многу манастирски комплекси кои сведочат дека и во „пусто турско” народот не само што ја сочувал верата и традицијата како главен столб на својот идентитет, туку и постојано одново ја обновувал и воскреснувал.
Манастирскиот комплекс Свето Преображение над селото Буково, со своето велелпие и скромен раскош е еден од таквите сведоци на богатството на душата на македонскиот народ.
Дотолку повеќе што манастирот го чува и споменот на дружбата на Крсте Петков Мисирков со рускиот конзул Ростковски, кој беше убиен на патот за Битола на враќање од Буково со пајтон.
Денес народот можеби не може толку да се пофали со својата вера, која одново се учи да ја запознава и практикува, но ја сочувал почитта и што е најважно песната, играта и искрената радост која го сочувала и во најголемите премрежија и најтешки искушенија.
Ноќта спроти преображение гората над и околу Буково ечеше од таква сѐнародна радост.
Годинашните кумови на манастирската слава таму горе во планината ги пречекуваа гостите во конаците со игра и песна, додека долу на средсело во Буково старо и младо се веселеше за селската слава.
Радоста не може да биде изглумена, особено не кога заедно на оро ја споделуваат деведесет годишни старци и штотуку заодени дечиња, фатени едни до други, со збунети, но сепак усогласени чекори – едните поради телесната немоќ која сепак не беше посилна од желбата да заиграат и запејат, а другите, најмалите со силна решеност, да впијат, да научат што повеќе, доцна во ноќта во која им дозволиле да останат будни до подоцна – оти еднаш во годината им е селската слава, еднаш сите заедно го празнуваат Светото Преображение Господово.
И во целиот тој селски панаѓурски метеж, за кој многумина ќе речат дека нема многу врска со верата, на чудесен начин добива смисла блажеконевското „и зошто ми иде да плачам ко дете“, дури и буквално изобразено преку видливите солзи на луѓето кои заедно пејат и играат. А, како и секогаш средлето, се собрале Буковци од сите краишта на светот, некои дојдени за првпат по децении, се обудуваат да се сетат, сами да си го најдат училиштето, црквата, патот за манастирот … им раскажуваат приказни од детството на своите деца кои едвај го зборуваат мајчиниот јазик, но затоа беспрекорно ги знаат ората и со полно грло, гласно и радосно ги пејат песните од старикрај.
И за миг, забораваш на политики, економски кризи, војни, секојдневни проблеми … како тивок топол летен бран ја чувствуваш сѐнародната радост, која во вакви пригоди како да е „заразна” и со солзи кои навираат ти иде силно да викнеш –
Жива е Македонија !
Слава Тебе Господе што го чуваш Твоето наследство.
Жива е Македонија, за многу години!