Луѓето чевли (The Shoe People) кај нас на МТВ преведен како „Чевлички“ е еден од цртаните филмови кои го обележаа детството на цели генерации.
Тоа е првиот цртан филм од Запад кој на крајот на 80-те години на 20 век успеа да ја пробие т.н. „железна завеса“ и да биде прикажан на Исток, дури и во поранешниот Советски Сојуз каде дотогаш потоеја строги правила за заштита од западната пропаганда. Цртаниот филм на некој начин го навести паѓањето на Берлинскиот Ѕид по „перестројката“ и „гласност“ како што се нарекуваа културните и општествени реформи во модерна Русија.
„Чевличките“ се произведени во Велика Британија во 1987 година, како екранизирана идеја на авторот Џејмс Дрискол, кој во обликот на чевлите препознал различни човечки карактеристики. Дрискол немал никаква врска со медиуми и телевизија, се додека како продавач еден ден не ги преземал вратените пратки од поштата, кои никој не се јавил да ги подигне за Божик. Меѓу вратените детски подароци за Божик, освен играчки имало и чевли кои веднаш си ги замислил како да зборуваат. Тоа било време кога било лесно и возможно идеите на обичните луѓе да допрат до продуцентите и да прераснат во медиумски производ.
И така Дрискол ,од продавач станал автор и милионер, а неговите „Чевлички“ интересни карактери кои зборуваат. Другото е историја.