Пишување на Биографија (Curiculum Vitae), Мотивациско писмо, Симулација на Интервју за работа … се дел од наставните содржини на третиот модул за стекнување на тн.„меки вештини”, кој во рамките на проектот Кју-Ар Пракса – База на вештини, се спроведува со дел од учениците на СОУ „Таки Даскало” во Битола.

Околу 60 ученици од трета и четврта година активно учествуваа во интерактивните работилници, во кои, не само низ теоретски дел, туку низ спонтана практична игра, имаа можност, не само да стекнат и осознаат нови знаење и искуства, туку и да споделат свои мислења, доживеани ситуации и конструктивни предлози за образованието, стопанството и општеството воопшто.

На изненадување на организаторите од Здружението за афирмација на дигиталната култура Кју-Ар Општество од Битола, и на предавачите кои во изминатите недели работеа со нив, средношколците покажаа исклучителна свесност за општествените прилики, фокусираност кон иднината и необична зрелост за возраста.

Човек учи додека е жив; Теоријата е немоќна без пракса;
Она што не се работи со љубов е измачување;
Визуелизирај го работодавачот кога се подготвуваш за интервју;
Имај пред очи конкретен човек кому му пишуваш Мотивациско писмо…

Се дел нивните заклучоци, поговорки, стекнати ставови и расудувања и искрени ученички совети во врска со темите. Впечатокот е дека, независно од своите идни планови за студирање, промена на струка или кариерно насочување во сосема друг правец, сите средношколци се едногласни дека ПРАКСАТА е елементот кој е клучен и кој недостига во образованието кај нас, не само во средните стручни училишта, туку и натаму во текот на студиите.

Предавачите велат дека посебно охрабрува фактот, што речиси сите ученици изразуваат силна желба да се вклучат во било каква практична работа уште за време на школувањето, поаѓајќи од ставот дека СЕКОЕ ИСКУСТВО Е ДОБРЕДОЈДЕНО и дека вистинското знаење не се стекнува со Диплома, туку преку ПРАКТИЧНА РАБОТА.