Уште пред 40 години лекарите и статистичарите во Австралија, алармираа дека жителите на континентот се многу позагрозени од ризикот од меланом, од жителите на другите континенти.
Тоа се должи на поголемото ултравиолетово зрачење на кое се изложени, заради тоа што географската положба на Австралија е „поблиска” до сонцето, па сончевите зраци паѓаат директно под таков агол кој предизвикува побрзо горење на кожата.
Озонската дупка регистрирана над дел од континентот, само уште повеќе го зголемува ризикот.
Експертите велат дека за зголемено УВ зрачење не мора да е воопшто жешко, доволно е да е ведро за штетното зрачење да го направи своето.
Статистиката вели дека денес мажите во Австралија заболуваат од рак на кожата 20 пати почесто од мажите во Европа и Америка, додека кај жените стапката е исто така висока, но двојно помала – 10 пати.
Австралиската влада уште во 80те години на минатиот век почна кампања особено фокусирана кон родителите и децата, наречена „Слип, Слоп Слап” со галебот Сид, како заштитен лик, со која се промовираше покривање на телото со бела тенка облека, мачкање со заштитни креми и носење капи.
Денес, 40 години подоцна, експертите на Светската здравствена организација се многу повеќе уверени и речиси сигурни дека условите за појава на рак на кожата се создаваат од многу мала возраст, со првите изгореници и сончаници кај децата.
Затоа денес се советува, децата помали од 6 месеци воопшто да не се изложуваат на сонце, а другите – да се покриваат со облека, да им се обезбеди сенка на плажа и почесто да се мачкаат со заштитна крема со висок УВ фактор.
Неодамна се промовирани и мали стикери, кои се лепат на кожата и ја менуваат бојата кога УВ зрачењето е ризично, па ги потсетуваат луѓето почесто да се мачкаат.
До 2026 година се очекува да биде тестиран и пуштен во употреба нов препарат за мачкање, чија ефикасност ќе биде целосно прилагодена на зрачењето и сонцето во Австралија.