Вечерва (вторник 04 октомври) со почеток во 20.30 часот на програмата на Интерфест на класична музика е познатата македонска харфистка Мерсиха Шукри, која во акустичниот амбиент на Офицерски дом (КИЦ) ќе изведе дела од Дуранд, Дусек и Конант.
Половина час претходно, пред почетокот на концертот, во истиот амбиент ќе биде отворена изложбата на слики на Миливоје Новаковиќ Кањош насловена како „Патот за Дихово”.
Мерсиха Шукри е соло-харфист на Македонската филхармонија. Своето високо образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Лејла Урманова (Русија) како прв дипломиран харфист во Македонија, а магистерски студии завршува во Белград, Србија, во класите на проф. Милица Бариќ и проф. Лилјана Несторовска.
Се усовшувала кај светски познати харфисти, меѓу кои:Catherine Michel, Elizabeth Binoche, Jana Boshkova, Anna Levina, Ion Ivan –Roncea, Monika Stadler, Susanna Mildonian, Patricia Tasini, Catrin Finch, Sirin Pancaroglu, Fabrice Pierre, Natalia Shamayeva, Mariele Nordman и Isabelle Moretti.
Како харфист има бројни солистички концерти на „Скопско лето“, „Хераклејски вечери“, „Денови на франкофонијата“, „Битолско лето“, „Есенски музички свечености“. Настапувала како солист со Мандолинскиот оркестар „Скопје“ и со гудачкиот ансамбл „Арко“. Концертирала и надвор од Македонија, во Србија, Словенија, Косово, Франција, Унгарија, Холандија, Израел, Хрватска и Турција. Влезена е во Гинисовата книга на рекорди како дел од најголемиот и најдолг оркестар од харфи, на 10. светски конгрес одржан во Амстердам.
Миливоје Новаковиќ – Кањош е академски сликар, магистер по ликовни уметности. Роден е 1938 година во Ферзовиќ-Рогатици. Ликовна академија завршил во Белград во 1964 година во класата на проф. Зоран Петровиќ. Професори му биле и истакнатите сликари: Мило Милуновиќ, Ѓорѓе Андрејевиќ-Кун. Постдипломски студии завршил во класата на Цуца Сокиќ и Недељко Гвозденовиќ, 1967 во Белград. Пред уписот на ликовна академија приватно учел сликање кај сликарот Јован Бјелиќ.
Живее и активно создава во Белград. Член е на УЛУС од 1964 година. Редовно изложува на самостојни и групни изложби во земјата и во странство. Досега имал повеќе од 40 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе од 300 групни изложби. Кога се зборува за изложбите на УЛУС, од 1965 до 2014, изложува на сите значајни изложби, како што се Октомвриски салон, Пролетни и Есенски изложби, изложби на Мала пластика и цртеж, аукциски изложби, изложби на Клубот ветерани на УЛУС.
Учествува во основањето и работата на меѓународни ликовни колонии: „Боите на Вуковар“ (Вуковар), „Де Ниро Битола“ (Битола), „Велика Ремета“ (Фрушка Гора).
Сликите на Миливој Новаковиќ – Кањош се наоѓаат во државните институции и приватни колекции во Србија и други земји, како Германија, Холандија, Франција, Австрија, Шпанија, Шведска, Англија, Унгарија, Канада, Македонија, Хрватска итн.
Инаку вчера (понеделник 3 октомври) на свеченото отворање на овој реномиран тридецениски меѓународен фестивал на класична музика публиката во Големата сала на Центарот за култура во Битола имаше можност да го чуе и види прекрасното дело „Кармен“ на Жорж Бизе во моќната и несекојдневна оркестрација на Родион Шчедрин, како и „Валпургиска ноќ“ на Шарл Гуно во изведба на оркестарот на Националната опера и балет под диригентската палка на Маестра Бисера Чадловска.
Двете постановки специјално подготвени за јубилејот „70 години балет“ и се во кореографија на Габор Кевехази од Унгарија, сценографијата е на Марија Ветероска, а костимите на Марија Пупучевска.