Авторот Божин Андоновски успева копнежот и љубовта по родното место да ги навези на парче хартија.
Тој “греби” по сеќавањата кои како филмска лента да поминале пред неговите очи. Жеден е што повеќе да пие од изворот, од кладенецот на нашето богато творештво.
Изморен од сегашноста и од јаремот на новото време, Божин воздишка и прибежиште наоѓа во своите сеќавања за луѓето, за настаните, за доживеаното. Она за што пишува е длабоко врежано во нашиот македонски код. Емоциите значат повеќе кога се споделуваат со другите, а за тоа сведочи и самиот Андоновски.
Новата седма книга со наслов ,,Брливо шилеже” на Божин Андоновски беше промовирана денес (7.2.2023) во Центарот за култура.
Промотори беа универзитетските професори Златко Жоглев и Гордана Стојаноска, а извадоци од рецензијата на третиот рецензент Ѓорѓи Лазаревски прочита претседателката на Пелагонските културно-научни средби Д-р Весна Калпаковска. Станува збор за хумористично-реалистични раскази. Инспириран од родното Врањевци и народните кажувања Андоновски го пишува ова дело. Модератор на настанот беше познатата поетеса и универзитетска професорка Даниела Андоновска – Трајковска.
Во публиката освен претставници на универзитетската и книжевна јавност, беа присутни и некогашните жители на село Врањевци, кои смевот од шеговитите настани опишани во книгата го комбинираа со длабоки воздишки и понекоја солза за едно неповратно време во кое се кријат уште многу приказни кои допрва треба да бидат раскажани.