Познатата Рубикова коцка е измислена во 1974 година во Унгарија. Нејзиниот “пронаоѓач” е професорот Ерно Рубик, унгарски архитект. Пред овој изум тој сакал да им задава различни задачи на своите студенти, а потоа си поставил сам на себе предизвик – да произведе предмет чии делови се поместуваат без да ја нарушат целината.
На својот проект тој работел скоро еден месец и ја измислил т.н. Магична Коцка како што првично се викала популарната Рубикова Коцка.
Пуштил во продажба 1000 коцки од кои само половината биле продадени, па сфатил дека својот изум мора да проба да го продава надвор од државата, но и тоа не можел да го направи бидејќи Унгарија тогаш била комунистичка држава, и се вратил на професорската работа.
Еден бизнисмен од Австрија кога бил во посета на Унгарија видел како некој келнер во рацете си игра со интересна играчка.
Тоа го импресионирало и му ја откупил на келнерот коцката за еден долар. Потоа се распрашал кој е изумителот на играчката, успеал да го најде професорот Рубик и веднаш му направил план како да ја продаваат.
Компанијата “Идеални играчки“ во 1980 година ја откупува лиценцата на Ерно Рубик и почнува да ја дистрибуира низ целиот свет.
Не поминало многу време откако продажбата почнала да им се зголемува и Рубиковата коцка добива светска популарност и продажба на стотици милиони примероци.