Рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов го нарече американското снабдување на Украина со оружје – неприфатливо, и побара таквата пракса да престане.
Изјавата доаѓа во време кога двајца клучни американски министри, секретарите за одбрана и за надворешни работи Лојд Остин и Ентони Блинкен се во Украина, на разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Посетата се смета за практична реализација на најавата на американскиот претседател Џо Бајден, кој на почетокот на април вети воена помош за Украина од 800 милиони долари.
Ова е прва посета на толку високи американски претставници на Украина од почетокот на руската воена интервенција на 24 февруари, што се толкува како покажување самодоверба и сила. Ако едно од руските образложенија за почетокот на воените дејства беше – разоружување на Украина, американската воена „помош“ во која има и тенкови и тешка артилерија, се толкува како директно американско спротиставување на Москва.
Украинскиот претседател Зеленски деновиве ги интензивираше повиците кон меѓународната заедница за воена помош, повторувајќи дека Украина има капацитет да ја добие војната, само ѝ недостига оружје.