Верниците од Битола, од Преспанско Пелагониската Епархија и од целата МПЦ ОА во вторник на 20 септември во 15 часот, во црквата Рождество на Пресвета Богородица ќе имаат можност да ја пречекаат и да се поклонат на т.н. “Кругосветна” икона – Покров на Пресвета Богородица, која од 2017 година ги посетува православните верници на сите светски меридијани.
![](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/09/3-90.jpg)
Иконата, живописана во Свето-Троичко Сергиевата Лавра, по повод 100 годишнината од расејувањето на православните Руси низ цел свет поради прогонствата по Октомвриската Револуција, во 2017 година е благословена од првоерархот на Руската задгранична црква, митрополитот на Њујорк и цела Америка г. Иларион, по повод 10 годишнината од стапувањето во канонско единство на Задграничната со Руската Православна Црква.
![](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/09/4-78.jpg)
Оттогаш иконата Покров на Пресвета Богородица три пати го обиколила светот, посетувајќи ги сите краишта каде има православни христијани: била на Арктикот, на врвот Елбрус, во САД, Австралија, Египет, Турција, Русија, Украина, Белорусија, Грузија, Италија, Грција, Кипар, Аргентина, Филипини, Јапонија… Во Македонија со благослов на митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, доаѓа од Србија, каде пак со благослов на патријархот Порфириј, претходно допатува од Јапонија.
![](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/09/2-100.jpg)
По посетата на регионот (Косово и Метохија, Црна Гора, Република Српска во БиХ, Бугарија и Македонија) иконата ќе го продолжи патот кон Ерусалим.
![](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/09/5-59.jpg)
За време на првата обиколка на светот во 2017-2018 „Кругосветната” икона почнала да мироточи, а подоцна се забележани и сведоштва на чудесни исцеленија – будење од кома, проодување, лекување на тешки болести.
![](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/09/6-41.jpg)
Чудотворната икона Покров на Пресвета Богородица во храмот Рождество на Пресвета Богородица во Битола доаѓа во предвечерието спроти истоимениот голем празник и слава на оваа црква во центарот на Битола, каде се очекува да ја пречекаат и да се поклонат илјаднци верници.
![](https://www.kepenci.mk/wp-content/uploads/2022/09/8-19.jpg)
Пред иконата во Белградската Епархија до сега се поклониле 400 илјади верници.