Во САД се зголемува притисокот врз здравствените власти за обезбедување вакцини за т.н. мајмунски сипаници кои во одредени држави имаат вртоглав пораст.
Иако статистиката е сѐ уште далеку од алармантна, тенденцијата на пораст од 45 случаи на 1800 само за еден месец, ги поттикна апелите кон властите за обезбедување вакцини со кои би се спречила непријатната зараза, проследена со мозолчиња на телото, за кои нема терапија, но во одредени случаи многу чешаат и болат.
Посебно жариште на заразата е лоцирано во Њујорк и на други слични места за кои е карактеристичен интензивен проток на луѓе, но и поизразена можност за сексуален контакт меѓу мажи, што се смета за најчест и најризичен начин за пренесување на заразата.
Властите досега дистрибуирале 156.000 вакцини, а во најава се уште 130.000 што е далеку под бројката од 7 милиони за која беше соопштено дека е веќе обезбедена, но дека е малку веројатно да пристигне пред почетокот на 2023 година.
Доцнењето се објаснува со потребата да се изврши целосна проверка на постројките и производството на фабриката во Данска, пред да се произведат порачаните милиони вакцини.