Кога живееш далеку од родната грутка, љубовта и носталгијата кон Татковината стануваат сѐ посилни, а ако на таа носталгија се додаде традиционалната народна музика, се добива добитна комбинација за голема инспирација за уште посилен креативен творечки наплив.
Ако на музиката се додадат и автентичниот амбиент на речиси негибнатата природа и архитектура на живописното Мариово, уште поавтентичното јавање коњи, кое денес речиси исчезнало во внатрешноста на Македонија, сето тоа до детал ускладено и вкомпонирано со автентичните комитски „униформи” се добива совршен спој кој како времеплов, филмски ве пренесува во времето на Јордан Пиперката.
Носталгичните музичари од дијаспората, во случајов се швајцарските, а наши – „Мераклии”, во улога на комитите се членовите на Битолската коњаница „Галоп”, а за сето тоа да изгледа како на филм се погрижи екипата на „Арт Продукција”.
Можеби Швајцарија и не е толку далеку, но за швајцарскиот бизнисмен од Македонија Саша Стоjмeновски, вљубеник, член и поддржувач на Коњаницата (и самиот пасиониран јавач) и голем пријател на групата „Мераклии” како да е зад врата, судејќи според тоа колку често, по различни поводи престојува во Македонија воден од патриотизмот и љубовта за кои пишувавме погоре.
Членовите на бендот, Ане Миров, Оливер Младеновски, Ѓорги Спасов и Ѓорги Божинов, како вистински Мераклии совршено се вклопија во питорескните предели на Мариово, а дружењето го надополнија со традиционалната македонска софра во Етно Ресторанот „Зовиќ”
Со ваквиот темелен пристап во снимањето на спотот за песната „Се собрале комитите” кое ќе продолжи и во Швајцарија, членовите на групата Мераклии покажуваат дека, освен што се врвни професионалци во работата, имаат и бескрајна почит кон Македонија и нејзината пребогата народна традиција