Бројот на загинати во силниот земјотрес во кинеската провинција Сечуан се искачи на 65 лица, повредени се 248, а по 12 исчезнати сѐ уште се трага под урнатините.
Како земјотресот да не им беше доволно, властите продолжија со ригорозната политика на нулта толеранција за ковид, оставајќи го на сила полицискиот час, според кој, само по едно лице од домаќинство може да излезе кратко во одредено време од денот.
Аналитичарите велат дека ригорозниот ковид „локдаун” предизвикан од бројката од 950 заразени лица ова лето, влијаел за големиот број жртви и ранети, затоа што земјотресот се случил кога сите морале да бидат дома.
Згора на сѐ, ова лето провинцијата Сечуан е зафатена од енормно високи температури и суша која освен шумски пожари, предизвика и прекин на производството на електрична енергија во неколку хидроцентрали, поради недостиг на вода за турбините.
Инаку, во регионите зафатени со трите непогоди се сместени неколку клучни погони на западни производители на електрични автомобили како Тесла, Фолксваген, Волво и Тојота, кои поради сите овие причини неколкупати мораа да го прекинат производството.