“Стојан Апчевски, со својата сериозна внатрешна борба го постави специфичниот македонски експресионизам, пред Петар Мазев и Глигор Чемерски – можеби малку претенциозно звучи, но неговиот див, „неконтролиран “ експресионизам, густо нанесуван, жестоко соочуван со формите и композицијата е првиот и можеби единствен бунтовнички експресионизам, кој ќе ги раскрши сите пасторални илузии за разубавувачката улога на уметноста.

Тоа е сликарство, кое е во директна конфронтација со животот, не песимистички туку колористички и скоро звучно крикнати. Апчевски низ сиот свој период нема да се откаже од овој избор на соочување со светот и опстојувањето.

Внатрешно, низ годините што следат, можно е да се разоткрива своевидна внатрешна преобразба, повторно не предизвикана од естетски или теоретски премиси, а уште помалку од некаков дијалог или влијанија од другите автори. Тоа е творештво кое пополека, но снажно ја регистрира бунтовноста, силно, чисто, апсолутно сликарски изразена.

Творештво, кое го следи дневнично неговиот емотивен и мисловен стадиум, често изразуван слично на битовата генерација, исфрлен, неизбалансиран, некомпромисен, далеку од додворувањето кон публиката или институциите. Безобзирен, без задршка, апсолутно слеан во изразот и директноста.”
– Владо Ѓоревски

Во релативно мал, топол, налик на семеен амбиент, во Офицерскиот дом во Битола, ликовниот уметник Стојан Апчевски 11 години по своето заминување од светот ги собра пријателите, колегите, некогашните ученици кои ги учел да цртаат, почитувачите на уметноста … носталгичарите, кои преку ова сеќавање емотивно се потсетија на младоста – која сама по себе, со „жалбата” за неа е метафорички израз на уметноста на животот…и понекој млад љубопитен автор, дете кое во денешното инстант виртуелно време, штотуку ги извалкало прстите на својата креативна љубопитност со јаглен.

Иако недостигаа членовите на ДЛУБ од помладата (веќе средна генерација) кои секако треба да најдат време да ја погледнат изложбата, во овој миг издвоен од времето, таму во Офицерски како да не недостигаше ништо – срдечни средби, искрени љубезни зборови и едно заедничко пулсирање на битот таа толку љубоморно чувана „уметничка Битола” која како надежно да прошепоти – тука сум уште, не заминав никаде.
Паола Апчевска – внука на авторот (обраќање од САД)
Иницијативата на КИЦот, координацијата со семејството, „спасувањето” на најскришно чуваните домашни слики на познатиот Апче, не само од заборавот туку од физичкото уништување, ја прават оваа приказна уште поверодостојна и поискрена. Кога некој ќе замине од овој свет, му пејат – Вечнаја памјат! Во случајот на Стојан Апчевски, со оваа изложба се покажа како тој спомен светот треба да го чува во пракса.

Битола уште многу со што да се фали и гордее, и додека е така, ќе има и нови, млади жители на иднината кои тоа битолско достоинство ќе го пренесат во таа иднина.
