Во современото општество, кога човекот е во потрага по себе, по својата среќа, по својот глас и по своето јас, проф. д-р Силвана Нешковска му даде посебен сјај на Меѓународниот ден на поезијата со промоцијата на својата прва книга ,,Првата половина”.
Во ера во која информациите се леснодостапни и како да лебдат во воздухот чекајќи го својот грабнувач, Нешковска го опишува копнежот и жедта да се стигне до знаењето, до непресушниот извор.
Таа зборува за тоа дека во нашата глава секогаш кепенците треба да бидат ширум отворени за сонот кој само за момент може да стане реалност.
Со своите ставови, животни ситуации, одлуки и препреки Нешковска само потврдува дека Анштајн ја говорел вистината кога рекол: ,,Никогаш не се откажувај од она што навистина сакаш да го постигнеш. Човек со големи соништа е помоќен од оној кој ги поседува сите факти”.
За тоа колку се значајни наставниците во животот на едно дете, за паралелата помеѓу англискиот и македонскиот јазик, за детството, за младоста и одлуките кои таа ги носи со себе, за промоцијата на нејзината прва книга поезија во Студентско Информативниот Центар, во рубриката Анфас нашата Димитра Десановска разговараше со професорката од Педагошкиот факултет- Силвана Нешковска.
Кога би ја имале можноста да се вратите назад, да запловите низ времето, како би го опишале Вашето детство?
– Растев како мирно и послушно дете. Родителскиот збор за мене беше „закон“, не дека родителите ми беа толку строги, туку дека сметав оти тие се возрасни и знаат што е најдобро и најправилно. Учев многу и тоа самоиницијативно, без никакво поттикнување и мотивирање од страна. А читањето беше мојата најголема пасија. Се натпреварував со самата себе во смисла колку книги можам да прочитам за време на распустот, на пример. И во текот на училишната година покрај задолжителните лектири, постојано позајмував книги од библиотека и не сакав да останам без книга ни еден ден. Повторно, тоа го правев по налог на некој свој внатрешен порив, особено затоа што уживав да откривам нови светови – бидејќи секоја книга е еден свој мал свет, еден универзум… Книгите се разбира не беа моите единствени другари во текот на детството. На училиште сакав да се дружам со сите иако секогаш имав една „најверна“ другарка. Сепак, најубави спомени имам од моите другарки и другари од маалото со кои уживавме да бидеме надвор и да им се препуштиме на сите детски игри кои беа популарни во тој период – царица, ластик, криенка, лепчиња и др.
Кога прв пат се роди желбата да се изучува еден странски јазик како англискиот, кој во минатото и не беше така познат како сега?
– Мислам дека имав шест или седум години кога англискиот јазик сериозно ми го привлече вниманието. Во тој период, во соседството се досели едно семејство, повратници од Австралија. Тие имаа три деца, а со нивната ќерка, која беше родена во Австралија, бидејќи беше само една година поголема од мене, веднаш станавме неразделни другарки. Јасно како денес да се случило се сеќавам како со големо љубопитство постојано ја потпрашував како е на англиски овој или оној збор, па си ги запишував сите тие зборови педантно во една тетратка и многу се радував на секој новонаучен збор.
Од оваа перспектива гледано, немам некое јасно објаснување зошто сум избрала да го изучувам англискиот јазик. Се чини дека во прашање била некоја силна внатрешна интуиција. Така на пример, се сеќавам дека во петто одделение требаше да одбериме кој странски јазик сакаме да го изучуваме – германски или англиски. Јас немав никаква дилема дека сакам да учам англиски и тоа по цена да бидам префрлена во друго одделение бидејќи одлуката на повеќето мои соученици беше да го изучуваат германскиот јазик. За едно дете на свои единаесет години, одделувањето од другарчињата во одделението беше многу храбар и необичен чекор, кој практично го направив без никаква дилема и сомнеж, предводена единствено од желбата да го изучувам англискиот јазик.
Како дете, сте сонувале ли да станете она што сте денес, универзитетски професор и поетеса?
– И во изборот на средното образование (гимназиско, јазичен смер) и во изборот на факултет и студиска програма бев предводена од силната желба убаво и темелно да го научам и владеам англискиот јазик. Кога се запишав на факултет ја избрав наставната насока затоа што по дипломирањето, имаше можност да се дополагаат и одреден број испити од преведувачката насока и студентот да се стекне и со таа квалификација, додека обратното не беше можно, односно оние што избрале преведувачка насока многу потешко можеше да се преквалификуваат како наставници. Оваа информација беше пресудна за мојот избор, а не идејата дека сакам да станам професор. Но, на крајот на студиите, следеше период на самопреиспитување, рефлексија на постигнатото и планирање на иднината и тогаш веќе јасно можев да се видам себеси во улога на универзитетски професор. Тоа беше и мотивот веднаш по дипломирањето да се запишам на постипломски студии и да се стекнам со називот магистер, бидејќи тоа во суштина беше „пропусницата“ за влез во високото образование.
Во однос на вториот дел од прашањето, поезија почнав да пишувам уште во основно, поттикната од мојата многу почитувана наставничка, сега веќе за жал покојна, Даница Филева, која постојано ме пријавуваше на некои литературни конкурси, на кои доста често бев и наградувана. Во средношколските денови оваа мисија ја продолжи мојата драга професорка по македонски јазик, Мери Талевска, која преку деталните и темелни анализи на делата за време на часовите, ми ги прошируваше видиците и ме предизвикуваше да читам што е можно повеќе. Како спонтана реакција на сето тоа секако беше пишувањето поезија.
Во текот на студиите, со оглед на тоа дека целото мое внимание беше насочено на предавањата и испитите, често на шега знаев да кажам дека „музиите кои ме инспирираа да пишувам поезија ме напуштија, ми побегнаа, односно се откажаа од мене“. По додипломските студии веднаш акцентот го ставив на научно-истражувачка работа во рамките на постипломските и докторските студии, а со тоа и времето за читање „слободна“ литература и пишување поезија беше сведено на минимум.
Моите повремени поетски изблици во текот на последниве години сметам дека не се сѐ уште доволни за да се закитам со овој прекрасен термин „поетеса“. Но, секако доколку музите одлучат да ми се вратат и доколку продолжам преку поезијата да го изразувам својот внатрешен свет, можеби еден ден во иднина ќе можам „чесно да си ја заработам“ и таа титула.
Предизвик ли е да се биде професор на млада и ако може да се рече бунтовна популација, подготвена да чекори во животот и да сфати каков е светот навистина?
– Да се работи со младата популација е најголем предизвик, огромно задоволство но и преголема одговорност. Денешниве млади, поконкретно студентите со кои работам, се пред сѐ добро инфромирани и точно знаат што сакаат во животот. Секако дека потребно е некакво усмерување но во голема мера тоа се веќе оформени личности кои имаат свои конкретни планови, амбиции и желби. Најпотресниот дел за мене, од аспект на нивни професор, е тоа што голем дел од нив својата иднина ја гледаат надвор од нашата земја. Навистина не е лесно да се гледа како таков голем потенцијал буквално ни се лизга низ прстите, и наместо да биде вклучен во зацврстувањето на темелите на оваа наша мала и се уште релативно млада држава, си заминува надвор и својот придонес ќе го даде во градењето на некоја друга веќе етаблирана странска земја.
Што мислите, подобро ли е опцијата која родителите особено ја практикуваат, децата да го изучуваат англискиот јазик од најмали нозе?
– Неспорно е дека помалите деца полесно учат странски јазик, односно дека „го впиваат странскиот јазик како сунѓер“. Доколку родителите имаа желба и можност финансиски да ги поддржат нивните деца да го изучуваат англискиот јазик од мали нозе, секако дека нема ништо спорно во тоа. Она што загрижува е тоа што некои деца се препуштаат комплетно на современите уреди и апарати како мобилни телефони, компјутери и таблети и спонтано го учат англискиот јазик преку видео игри, јутјуб видеа, комуникација на социјалните мрежи и сл. но притоа губат интерес за мајчиниот јазик, односно воопшто или многу малку го учат својот сопствен јазик. А тоа секако не смееме да го дозволиме. Децата се иднината на оваа земја и од мали нозе треба да ги воспитуваме да си ја сакаат таковината и македонскиот јазик и култура кои се во основата на нашиот идентитет како народ.
Денес беше објавена Вашата прва книга поезија насловена „Првата половина“. Ве молам, ќе може да кажете за што всушност станува збор?
– Станува збор за стихувана автобиографија, во која отворено и искрено, без никакво затскривање се откривам себеси, онаква каква што сум, од денот на моето доаѓање на овој свет до денешниов ден. „Првата половина“ воопшто не беше планирана. Се случи спонтано пред една година и сега од оваа перспектива, таа не претставува ништо друго освен правење на една ретроспектива за тоа од каде сум тргнала, каде сум сега и каде сум упатена. Исто така, „Првата половина“ е своевидно заблагодарување на моето семејство, моите најблиски, но и на моите пријатели, професори, колеги и студенти, кои секој на свој начин влијаеле врз мене, т.е. врз моето формирање како личност.
Книгата содржи поезија и на македонски и на англиски јазик. Зошто се решивте на еден таков чекор?
– Песните во „Првата половина“ првично беа напишани на македонски јазик. Откако ја завршив книгата, сфатив дека сакам да се предизвикам себеси со тоа што истите ќе ги преведам и на англиски. Повторно, и со оваа моја активност, како да сум сакала несвесно да ја потврдам мојата целосна посветеност на англискиот јазик којшто со сите свои неограничени можности што ги нуди, несомнено е моја животна определба.
Колкав временски период Ви беше потребен за книгата да ја види светлината на денот?
– Книгата е производ на едно поетско вдахновение кое ме обзеде како силен бран против кој не можев да се борам и кој не ме остави се дури не излезе на хартија се она што се собирало и таложело во мене со децении. Практично за неколку дена го имав материјалот пред себе. Нормално следеше период на читање и препрочитување, дотерување и досредување а потоа и преведување на англиски. Потоа го оставив да „одлежи“, а во меѓувреме го испратив и до неколкумина одбрани вљубеници во литературата и мои драги луѓе кои имаа задача да ми дадат искрено мислење. Тука ги добив првите охрабрувања и убедувања дека ова четиво заслужува да ја види светлината на денот. Последната фаза беше добивањето на три прекрасни рецензии за книгата и секако печатењето на книгата. Целиот процес или циклус се заврши за точно една година.
Се работи за книга поделена во 3 дела. Имено, првиот носи наслов ,,На почетокот на првата половина “, вториот ,,Во зенитот на првата половина “, и третиот ,,Во предвечерието на првата половина “. Зошто токму овие три поднаслови?
– Во циклусот песни „На почетокот на првата половина“ всушност ги опишувам најважните моменти од моето детство, најубавите спомени поврзани со моите најблиски онака како што ми останале запишани во мојата меморија.
Во вториот циклус песни со наслов ,,Во зенитот на првата половина “ се збогувам „со детето во мене“ и се обидувам да влезам во нова фаза од мојот живот како млада девојка, која е во потрага по себеси, во потрага по љубов но и знаење и во потрага по смислата на постоењето.
Во последниот циклус „Во предвечерието на првата половина“ пишувам за неколку клучни настани и личности кои го одбелжале мојот живот како возрасна жена која создала свое семејство, која се соочува со професионални предизвици и безброј животни дилеми. На крајот на овој циклус упатувам и отворена благодарност до универзумот за сe’ што досега ми дал и одзел, зошто само на тој начин, со сите тие падови и подеми сум можела да станам оваа денешна јас.
Промотори и рецензенти беа универзитетските професори и Ваши колеги, проф. д-р Златко Жоглев, проф. д-р Гордана Стојаноска, и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска. Како падна изборот на нив?
– Тројцата рецензенти на „Првата половина“, проф. д-р Златко Жоглев, проф. д-р Гордана Стојаноска, и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска не се случајно избрани како рецензенти и промотори на мојата прва поетска книга. Тоа се мои почитувани колеги од Педагошки факулет – Битола, со кои веќе една деценија интензивно соработувам во организација на различни настани и проекти од литературен карактер. Тоа се исто така докажани и веќе профилирани поети, писатели и литературни критичари кои навистина ми направија особена чест со тоа што внимателно ја прочитаа мојата поетска збирка и мошне успешно проникна во суштината на моите песни.
Имаше и рецитал на Ваши студентки. Отворени ли се кепенците за младите надежни поети?
– Во промоцијата на „Првата половина“ активно се вклучија и две мои студентки, Ивана Петровска и Димитра Десановска, и двете вљубеници во поезијата и поетеси. Ивана и Димитра заедно со уште неколкумина нивни колеги и колешки од Педагошки факултет – Битола, веќе неколку години наназад редовно се дел од сите литературни настани што ги организираме во рамките на Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик при ПФБТ како и настаните кои ги организираме под покровителство на Македонското научно друштво – Битола.
На младите останува светот, и секако дека немам сомнеж дека вака исклучително квалитетни индивидуи можат многу да постигнат и далеку да стигнат и без да ги напуштат границите на нашата земја и да „бркаат“ своите соништа некаде надвор, само доколку се доволно упорни и посветено работат на остварување на својата цел.