Во овој ден (10.2.2023) го чествуваме споменот на големите Православни заштитници Светиот Ефрем и Светиот Исак Сирин. Овие два големи светилници со нивниот свет живот покажале дека плод на верата се добрите дела, трпението и смирението. Нивната љубов и преданост, нивниот постојан копнеж по Христос треба да бидат пример за сите нас.
Светата Православна Црква, како грижлива мајка за своите чеда, овие Светители ги упатува како примери на кои треба да се огледа секој Христијанин, во овој период пред Велигденскиот пост.
Светиот Ефрем Сирин бил роден во Сирија. Тој бил дете на сиромашни родители, во времето на Светиот Константин Велики. Овој голем Светител бил ученик на Светиот Јаков Нисибиски, кој бил втор епископ на Нисибија. Светиот Ефрем бил посветен на молитвата, но и на пишувањето книги. Ги поучувал и монасите. Бил голем подвижник. Се населил во Царството на својот Господ, во 373 година.
За неговиот живот врзан е и еден многу интересен настан, кој води и до животот на Светиот Василиј Велики. Имено, кога Светиот Ефрем бил повикан за епископ, тој не сакал да ја прифати таа покана, затоа што се сметал за недостоен. Поради тоа, станал јуродив (лажно безумен), и со својата облека шетал, влечејќи ја по себе. На Светиот Василиј Велики му било кажано од страна на некои негови познати луѓе дека Светиот Ефрем е луд. А тој на тоа одговорил ,, Вие сте луди, тој е свет“.
Светиот Исак пак, е роден во Нинива и живеел во седми век. Тој се подвизувал и во Манастир близу тој град, кој бил наречен Матејски. Овој Светител правел чуда, па поради тоа бил приморан да го прифати светиот чин- епископ на Нинива. Но само по околу пет месеци го оставил светото епископство, и се посветил на монашкиот пустински живот. Неговото значење и неговата теологија се засновани на Божјата љубов и милост. Всушност, со верувањето и посветувањето на Господ, со потполното препуштање во Божји раце, тој бил и е пример за вистински подвижник.
Вербата во Господовата љубов и милост е извор на спасение. Овие двајца Светители се пример за дободетели и трпение. И токму такви се сите Светители, тие се столбови на Православната вера, и Господ пребива во нив постојано.
Затоа, прекрасен е Господ во Своите Светии.