Долгото владеење на кралицата Елизабета Втора го обележа нејзиното силно чувство за должност и решителноста да го посвети животот на престолот и на својот народ.
Таа за многумина стана единствената константна точка во светот кој брзо се менува, бидејќи британското влијание се намалуваше, општеството се промени до непрепознатливост, а беше доведена во прашање и улогата на самата монархија.
Нејзиниот успех во одржувањето на монархијата во такви турбулентни времиња беше уште позабележителено со оглед на тоа што, во времето на нејзиното раѓање, никој не можеше да предвиди дека тронот ќе биде нејзина судбина.
Елизабета Александра Мери Виндзор е родена на 21 април 1926 година, во куќа веднаш до плоштадот Беркли во Лондон, како прво дете на Алберт, војводата од Јорк, вториот син на Џорџ Петти, и неговата војвотка, поранешната дама Елизабет Боуз-Лион.
Елизабета и нејзината сестра, Маргарет Роуз, која е родена во 1930 година, се школувале дома и израснале во семејна атмосфера со многу љубов. Елизабета била исклучително блиска и со нејзиниот татко и со нејзиниот дедо, Џорџ Петти.
На шестгодишна возраст, Елизабета му кажала на својот инструктор за јавање дека сака да биде „селска дама која ќе има многу коњи и кучиња“.
Велат дека уште од мала покажувала исклучително чувство за одговорност. Винстон Черчил велел дека таа поседувала “аура на авторитет невидена кај деца на нејзина возраст”.
И покрај тоа што не посетувала класично училиште, Елизабета се покажала вешта во јазиците и направила детална студија за уставната историја.
За да може да се социјализира со своите врснички за неа на адреса Бакингамска Палата бр.1 било регистрирано специјално скаутско Здружение за девојчиња.
Зголемување на тензијата
По смртта на Џорџ Петти во 1936 година, неговиот најстар син, познат како Дејвид, стана Едвард Осми.
Сепак, неговиот избор на сопруга, двапати разведената Американка Волис Симпсон, беше оценет како неприфатлив на политичка и верска основа и по само една година тој абдицирал.
Така, на несакање, војводата од Јорк стана крал Џорџ Шести. Неговото крунисување и даде на Елизабета предвкус на тоа што би можело да ја очекува. Таа подоцна ќе запише дека тогаш сфатила дека службата била “многу многу прекрасна ”.
Во услови на зголемена напнатост во Европа новиот крал со неговата сопруга, кралицата Елизабета, си поставија за цел да ја вратат довербата во монархијата. Тоа беше пример кој остави впечаток кај нивната постара ќерка.
Во 1939 година, како 13-годишна принцеза, Елизабета ги придружувала кралот и кралицата до Кралскиот поморски колеџ во Дартмут.
На патувањето Елизабета и сестра и Маргарет беа придружувани од еден млад кадет, нивниот трет братучед принцот Филип од Грција.
Препреки
Тоа не беше првпат тие двајцата да се сретнат, но тогаш таа за првпат се заинтересира за него.
Принцот Филип ги побара своите кралски роднини повторно во 1944 кога имал отсуство од морнарицата, а тогаш Елизабета веќе имала полни 18 години. Таа очигледно тогаш била вљубена во него, ја чувала неговата слика во својата соба и му пишувала писма.
Младата принцеза за кратко време се приклучи на Резервната Женска Територијална Единица кон крајот на војната, каде научи да вози и да поправа камиони.На Денот на победата таа му се придружи на своето кралско семејство во Бакингемската палата пред која се собираа илјадници луѓе за да го прослават крајот на војната во Европа. На прославата беше и принцот Филип.
„Ги прашавме моите родители дали можеме да излеземе да ја видиме прославата“, се сеќава таа подоцна. „Бевме преплашени да не нè препознаат. Се сеќавам на редици непознати луѓе кои се држеа за раце и чекореа кон Вајтхол, кои не понесоа како наплив од среќа и олеснување“.
По војната, нејзината желба да се омажи за принцот Филип наиде на многу пречки.
Кралот не сакаше да ја изгуби ќерката, а Филип мораше да ги надмине предрасудите на естаблишментот што не можеше да го прифати неговото странско потекло. Но, желбите на парот надвладеале и на 20 ноември 1947 година тие се венчале во Вестминстерската Опатија.
Филип доби титула војвода од Единбург и го задржа чинот на морнарички офицер. За кратко време, отпатуваа за Малта кога имаа шанса малку да уживаат во релативно нормален живот.
Нивното прво дете синот Чарлс е родено во 1948 година, а потоа ќерката Ана во 1950 година.
Но, кралот, кој претрпел значителен стрес од воените години, а бил и страстен пушач се разболел од рак на белите дробови.
Во јануари 1952 година, 25 годишната Елизабета, тргнала со Филип на турнеја во странство. Кралот, наспроти лекарскиот совет, отишол на аеродромот за да ја испрати двојката. Тоа беше последен пат кога Елизабета го виде својот татко.
Елизабета била во Кенија кога дознала за смртта на нејзиниот татко и веднаш се вратила во Лондон каде ја чекал предизвикот да биде нова кралица.
„Всушност немав време да стажирам“, се сеќава таа подоцна. „Татко ми почина прерано, па се‘ беше неочекувано брзо – и преземањето и извршувањето на должноста, се трудев најдобро што можам“.
Личен напад
Нејзиното крунисување во јуни 1953 година беше емитувано на телевизија во живо, и покрај противењето на премиерот Винстон Черчил. Милиони луѓе се собраа пред екраните, многумина од нив за првпат гледаа телевизија, за да ја видат новата кралицата Елизабета Втора како положува заклетва.
Со оглед на тоа што Британија сè уште закрешнуваше од последиците од војната, коментаторите во нејзиното крунисување препознаа раѓање на новата Елизабетанска епоха.
Тоа беше време кога сите мислеа дека Втората Светска Војна ќе го забрза крајот на Британската империја, но новата кралица веднаш тргна на долга турнеја низ Комонвелтот во ноември 1953, низ многу поранешни британски колонии, меѓу кои и Индија, кои веќе имаа стекнато независност.
Елизабета стана првиот монарх кој за време на своето владеење ги посети Австралија и Нов Зеланд. Се проценува дека три четвртини од Австралијанците излегле да ја видат лично.
Во текот на 1950-тите, повеќето земји кои веќе го тргнаа знамето на империјата и веќе беа поранешни колонии и доминиони, сега повторно доброволно се собраа како членови на идно семејство од нации.
Многу политичари сметаа дека новиот Комонвелт може да и конкурира на новата Европска економска заедница и дека во извесна мера британската политика така се оддалечува од континентот.
Но, и онака намаленото британско влијание уште повеќе падна по дебаклот во Суец во 1956 година, кога стана јасно дека на Комонвелтот му недостига колективно расположение да делува едниствено во време на криза. Одлуката да се испратат британски војници да се обидат да ја спречат заканата од Египет за национализација на Суецкиот канал заврши со срамно повлекување и донесе оставка на премиерот Ентони Идн.
Ова ја вовлече кралицата во политичка криза. Конзервативната партија немаше механизам за избор на нов лидер и, по серија консултации, кралицата го покани Харолд Мекмилан да формира нова влада.
Кралицата, исто така, стана цел на личен напад од писателот Лорд Алтринчам. Во една колумна, тој ја обвини дека владее „премногу британски“ и „од високо“ и дека не е способна да одржи ни прост говор без претходно напишан текст.
Неговите изјави предизвикаа бес во печатот и Лорд Алтринчам беше физички нападнат на улица од член на Лигата на лојалистите на империјата.
Сепак, инцидентот покажа дека британското општество и ставовите кон монархијата брзо се менуваат и дека ништо не е толку сигурно за да не биде доведено во прашање.
Од „монархија“ до „кралско семејство“
Охрабрена од нејзиниот сопруг, озлогласено нестрплива поради обвинувањата за застарено владеење, кралицата почна да се прилагодува на новите околности.
Таа престана да се опкружува со нестручни почетници на одговорни функции, само затоа што се благородници, а зборот „Монархија“ постепено беше заменет со терминот „Кралско семејство“.
Кралицата уште еднаш се најде на удар, во центарот на политичките превирања кога во 1963 година, Харолд Мекмилан се повлече од функцијата премиер. Со оглед на тоа што Конзервативната партија сè уште немаше воспоставено систем за избор на нов лидер, таа го послуша неговиот совет да назначи благородник од Домот на лордовите за премиер.
Тоа беше тешко време за кралицата. Обележје на нејзиното владеење стана постојаното внимавање на уставната коректност и натамошно одвојување на монархијата од секоја актуелна влада. Карактеристиката на нејзиното владеење беше уставната исправност и дополнителното одвојување на монархијата од тогашната влада. Таа сериозно ги имаше сфатено своите уставни права да биде информирана, да советува и да предупредува, но многу внимаваше да не бара да ги премине овластувањата.
И тогаш за поледен пат се најде во таква положба. Конзервативците конечно воспоставија систем на демократски избор на лидер и ја напуштија практиката од нигде-никаде да се појавуваат неизгласани и непредложени кандидати.
До крајот на 1960-тите, Бакингемската палата реши дека треба да направи чекор повеќе за да го прикаже кралското семејство на многу помалку формален и попристапен начин и да ги отвори вратите за јавноста.
И така беше снимен историскиот документарец наречен „Кралското семејство. За првпат во историјата, на Би-Би-Си му беше дозволено да ги снима Виндзорите дома. Имаше снимки од семејството на скара, како ја украсуваат елката, како играат со децата – и слични обични активности кои се секојдневни, но дотогаш беа невидени.
Критичарите тврдеа дека филмот на Ричард Костон ја уништил таинственоста на кралското семејство прикажувајќи ги како обични луѓе, каква што на пример беше сцената со војводата од Единбург снимен како прави скара во теренот во Балморал.
Но, филмот навестуваше помирни времиња и многу придонесе за враќање на јавната поддршка за монархијата.
Во 1977 година, Сребрениот јубилеј се прославуваше со искрен ентузијазам, улични забави и церемонии низ целото кралство . Се чинеше дека монархијата ужива наклонетост од јавноста, а заслугата за тоа се припишуваше на кралицата.
Две години подоцна, Британија ја доби Маргарет Тачер, првата жена премиер. И односите меѓу двете жени – на чело на државата и на чело на владата понекогаш се оценуваа како – чудни.
Скандали и катастрофи
Една од пречките меѓу нив беше посветеноста на кралицата кон Комонвелтот, на чие чело беше таа, а не премиерката. Кралицата добро ги познаваше водачите на Афика и ги разбираше и сочувствуваше со нивните проблеми.
Се сметаше дека ставовите и држењето на Тачер, а особено нејзиниот стил на постојано противење за кралицата беа и останаа неразбирливи, како на пример противењето на премиерката на воведувањето санкции кон Апартхејдот во Јужна Африка.
Година за година, јавните активности на кралицата продолжија. По војната во Заливот во 1991 година, таа отпатува во Соединетите држави за да стане првиот британски монарх кој се обратил на заедничка седница на Конгресот. Претседателот Џорџ Х. Буш рече дека таа била „пријател на слободата од време до кај што допира памтењето“.
Но, една година подоцна, низа скандали и катастрофи од лична и приватна природа, почнаа да го погодуваат кралското семејство.
Вториот син на кралицата, војводата од Јорк, и неговата сопруга Сара се разделија, а и бракот на принцезата Ана со Марк Филипс заврши со развод. Потоа се обелодени и дека принцот и принцезата од Велс, Чарлс и Дијана се длабоко несреќни и на крајот се разделија.
Годината кулминираше со огромен пожар во омилената резиденција на кралицата, замокот Виндзор. Тоа беше мрачна глетка која симболично асоцираше на кралска куќа во неволја.
Состојбата уште повеќе ја отежнуваше јавната расправа околу тоа дали даночните обврзници или кралицата сама, треба да ја плати сметката за поправките.
Кралицата ја опиша 1992 година како нејзин „annus horribilis“ (,,ужасна година на несреќа”).
Во едно обраќање во Лондон, како да ја призна потребата од уште поотворена монархија во замена за помалку непријателски расположени медиуми.
„Ниту една институција, град, монархија, што и да е, не треба да очекува да биде ослободена од контролата на оние кои ѝ даваат лојалност и поддршка, а да не зборуваме за оние кои не го прават тоа. Но, сите ние сме дел од истото ткиво на нашето национално општество и тоа може да функционира доколку се направи со мерка на благост, добар хумор и разбирање“.
Монархијата како институција беше во дефанзива. Бакингемската палата беше отворена за посетителите за да се соберат пари и да се платат поправките во Виндзор, а беше најавено и дека кралицата и принцот од Велс ќе плаќаат данок на приход од инвестиции.
Во странство, надежите за Комонвелтот, толку високи во почетокот на нејзиното владеење, не беа исполнети. Британија им го сврте грбот на своите стари партнери, за сметка на новиот ангажман во Европа.
Кралицата сè уште гледаше вредност во Комонвелтот и беше многу задоволна кога Јужна Африка, конечно созреа и се откажа од апартхејдот. Во чест на тоа, таа ја посети Јужна Африка во март 1995 година.
Дома, кралицата се обиде да го задржи достоинството на монархијата, додека во јавноста се водеше жестока дебата за тоа дали морахијата како институција воопшто има иднина.
Смртта на Дијана, принцезата од Велс
Додека Британија се обидуваше да го пронајде идниот судбоносен пат, таа се обидуваше да остане смирувачка фигура и со ненадејна насмевка можеше да го осветли достоинството на секој момент. Улогата која и беше поважна од сите должности, беше самата да биде – симбол на нацијата.
Сепак, монархијата беше разнишана, а кралицата предизвика дополнителни необични критики кон себе по смртта на Дијана, принцезата од Велс, која загина во сообраќајна несреќа во Париз во август 1997 година.
Додека луѓето правеа големи метежи пред и околу палатите во Лондон за да и‘искажат почит на починатата популарна принцеза со цвеќиња, свеќи и играчки, се чинеше дека кралицата не сака да излезе и воопшто да се обрати за настанот кој за јавноста беше важен, како што секогаш правела за време на големи, добри или лоши национални моменти и важни поводи.
Многу од нејзините критичари, воопшто не сфатија дека таа е од генерацијата на која еуфоричните, речиси хистерично емотивни прикази на јавна жалост, каква што со огромен светски публицитет, имаше по трагичната смрт на принцезата Дајана, и се туѓи, неразбирливи и непријатни.
Таа, исто така, како грижлива баба чувствуваше дека треба да ги утеши синовите на Дијана во приватноста на семејниот круг и да ги заштити од јавноста.
На крајот, таа сепак, под притисок на јавноста, имаше обраќање во живо, оддавајќи ѝ почит на нејзината снаа и се обврза дека монархијата ќе се прилагоди.
Загуби и прослави
Смртта на кралицата мајка и принцезата Маргарет, во годината на Златниот јубилеј на кралицата во 2002 година, фрли сенка врз националното прославување на нејзиното владеење.
Но, и покрај ова, и секогаш актуелната дебата за иднината на монархијата, вечерта на Јубилејот милион луѓе се собраа пред Бакингемската палата.
Во април 2006 година, илјадници луѓе се собраа во улиците околу Виндзор со желба да и го честитаат 80 роденден, кога кралицата излезе на неформална прошетка.
И во ноември 2007 година, таа и принцот Филип прославија 60 години брак со богослужба на која присуствуваа 2.000 луѓе во Вестминстерската Опатија.
Имаше уште една среќна прилика во април 2011 година, кога кралицата присуствуваше на свадбата на нејзиниот внук, Вилијам, војводата од Кембриџ, со Кетрин Мидлтон.
Во мај истата година таа стана првиот британски монарх кој ја посети Република Ирска, настан од исклучително историско значење.
Референдум
Една година подоцна, при посетата на Северна Ирска како дел од прославата на дијамантскиот јубилеј, таа се ракуваше со поранешниот командант на ИРА, Мартин Мекгинис.
Тоа беше голем и потресен момент за неа, затоа што нејзиниот сакан братучед, лордот Луис Маунтбатен, беше убиен од бомба на ИРА во 1979 година.
Дијамантскиот јубилеј донесе стотици илјади луѓе на улиците и кулминираше со прослави за време на викендот во Лондон.
Референдумот за независност на Шкотска, во септември 2014 година, беше уште еден испит за кралицата.
Малкумина го заборавија нејзиниот говор во Парламентот во 1977 година, во кој таа јасно ја кажа својата посветеност на Обединетото Кралство.
„Ги бројам кралевите и кралиците на Англија и на Шкотска, и принцовите од Велс меѓу моите предци и затоа можам лесно да ги разберам овие аспирации. Но, не можам да заборавам дека бев крунисана за кралица на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска“.
Во разговор со луѓето кои дојдоа да и честитаат во Балморал во предвечерјето на референдумот во Шкотска, кој беше надгласан, таа рече дека се надева дека луѓето ќе размислат многу внимателно за својата иднина.
Откако беше познат резултатот од гласањето, во својата официјална изјава, кралицата рече дека чувствува олеснување што единството на Обединетото Кралство остана недопрено, но сепак призна дека политичкиот пејзаж е променет.
„Сега, додека одиме напред, треба да запомниме дека и покрај различноста на ставовите што беа изразени, заедничка ни е трајната љубов кон Шкотска, и тоа е нешто што треба да помогне и да не обедини сите“.
На 9 септември 2015 година Елизабета Втора стана монарх со најдолго владеење во британската историја, надминувајќи го владеењето на нејзината прапрабаба, кралицата Викторија. Во типичен стил, таа одби да крева врева околу тоа велејќи дека титулата „не е нешто кон кое било кога се стремела“.
Неполна година подоцна, во април 2016 година, таа го прослави својот 90-ти роденден, по што со ист интензитет продолжи со своите јавни должности, сега веќе често сама, поради пензионирањето на војводата од Единбург во 2017 година.
Во меѓувреме, мораше да се справува со постојани притисоци врз семејството – вклучувајќи ја сообраќајната несреќа на нејзиниот сопруг, озлогласеното пријателство на војводата од Јорк со осудениот американски бизнисмен Џефри Епштајн и се‘ поизразеното јавно разочарување и негодување на принцот Хари од животот во кралското семејство.
Ова беа вознемирувачки моменти, во кои таа сепак покажа дека е монарх кој сè уште има цврста контрола врз ситуацијата. Потоа се соочи и со смртта на сопругот, принцот Филип во април 2021 година, среде пандемијата на коронавирус, а една година подоцна и со нејзиниот ,,платинест јубилеј” ( седумдесет години на тронот).
Иако монархијата можеби не остана толку силна на крајот од владеењето на кралицата како на почетокот, таа беше решена дека треба до последен здив да се залага за место на наклонетост и почит во срцата на народот.
Таа се присети на ветувањето што го дала при посетата на Јужна Африка пред 30 години.
Кога имав 21 година, го заложив својот живот во служба за нашиот народ и побарав помош од Бога да го исполнам тој завет.